Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) изрече досега незапаметени, ригорозни казни по бурните случувања во завршницата на домашната фудбалска сезона. Најлошо помина екипата на ФК Шкендија, која се соочува со вистински финансиски и натпреварувачки удар, додека финансиски санкции во куќата на фудбалот ќе мора да платат и екипите на Силекс и Вардар.
Шкендија брутално казнета: Исфрлање од Купот и четири меча пред празни трибини
Однесувањето на теренот и на трибините прескапо ќе ја чини екипата од Тетово. Поради цела палета на сериозни прекршоци за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија против Силекс, Дисциплинската комисија изрече збирна парична казна од дури 105.000 евра за ФК Шкендија. Тетовскиот клуб е казнет со 15.000 евра поради употреба на пиротехника, дополнителни 10.000 евра за националистички скандирања и навредливи слогани на национална основа, како и уште 20.000 евра за истакнување на транспарент со нацистичка содржина, за кој претходно веќе беа санкционирани и од страна на УЕФА.
Најголемиот удар за клубот сепак не е само од финансиска природа. Поради деградирачки и непочитувачки однос кон службените лица и противничкиот тим, како и скандалозното одбивање да ги примат медалите на свечената церемонија, Шкендија е казнета со 30.000 евра и експресно исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за следната сезона 2026/27. Како капак на сè, поради исвиркување и непочитување на националната химна проследено со дискриминаторски однос за време на финалето, клубот ќе мора да плати дополнителни 30.000 евра и ќе ги одигра следните четири домашни натпревари зад затворени врати, односно без присуство на публика.

Силекс помина со помала казна, санкција и за шампионот Вардар
Вториот финалист во најмасовното домашно натпреварување, тимот на ФК Силекс, помина значително полесно во овој дисциплински прогон. Поради користење на пиротехнички средства од страна на нивните навивачи за време на истиот финален дуел во Купот, клубот од Кратово е санкциониран со парична казна во висина од 5.000 евра.
На тапетот на Дисциплинската комисија се најде и новиот шампион ФК Вардар. Најтрофејниот македонски клуб ќе мора да плати парична казна во висина од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите на трибините, но и поради несоодветна прослава на шампионската титула од страна на самите фудбалери. За работите да бидат полоши по „црвено-црните“, комисијата дополнително поведе и нова дисциплинска постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на дерби натпреварот од 33-то коло одигран против екипата на Шкендија.



