По губењето на шампионската трка од Арсенал, раководството на Манчестер Сити е подготвено да исплати вистинско деветцифрено богатство со цел експресно да го засили својот среден ред. Како што ексклузивно пренесува најсигурниот новинарски извор во Велика Британија, Дејвид Орстин од „The Athletic“, на адреса на Нотингем Форест пристигнала огромна вербална понуда за услугите на Елиот Андерсон (23), која изнесува неверојатни 106 милиони фунти (122 милиони евра).
Целиот трансфер пакет, со вклучените лесно остварливи бонуси, брзо ја надминува границата од 120 милиони фунти (139 милиони евра). Ова е втор обид на Сити да го осигура потписот на англискиот репрезентативец, откако првичната понуда на почетокот на овој месец експресно беше одбиена од „Шумарите“. Сепак, Нотингем Форест нема намера лесно да се откаже од својот дијамант – тие веќе информираа дека за фиксниот дел од отштетата бараат сума која ќе го надмине апсолутниот британски рекорд од 125 милиони фунти, што Ливерпул му го исплати на Њукасл минатото лето за Александар Исак.
Наследникот на Бернардо Силва и омилениот мотор на Томас Тухел
Желбата на Манчестер Сити за ангажман на Андерсон е сосем логична. По заминувањето на Бернардо Силва, на стручниот штаб му е потребен елитен, докажан премиерлигашки креативец кој веднаш ќе влезе во стартната постава и нема да биде само „евтина алтернатива“ како што претходно беше случајот со Калвин Филипс или Нико Гонзалез.
Статистиката на Андерсон во изминатата 2025/26 сезона е застрашувачка. Тој настапи на сите 38 натпревари во Премиер лигата за Нотингем Форест, забележувајќи четири гола и четири асистенции. Она што најмногу ги воодушеви скаутите на Сити е фактот што Андерсон имал најмногу допири со топката од било кој друг фудбалер во комплетната Премиер лига – сосем нереална статистика за тим како Форест кој воопшто не форсира посед на топка. Квалитетот на играчот од средниот ред беше крунисан и со повик во националниот тим, каде што селекторот Томас Тухел веднаш му ја додели престижната „осумка“ во составот за претстојното Светско првенство.
Манчестер Јунајтед капитулираше и се повлече од војната со пари
Големиот интерес и восхит за Андерсон од страна на Манчестер Јунајтед одамна е добро документиран во спортскиот печат, но „Црвените ѓаволи“ веднаш капитулираа и се повлекоа од игра штом сумата ја проби деветцифрената граница.
Раководството од „Олд Трафорд“ категорично одбива да влезе во отворена војна со наддавање против финансиската моќ на Сити. Наместо тоа, Јунајтед фокусот го префрла кон поевтини и попрагматични алтернативи на пазарот кои изразиле желба да го облечат нивниот дрес, таргетирајќи ги Матеус Фернандес од Вест Хем и членот на Борнмут, Алекс Скот. Пазарот на играчи од средниот ред одамна ја изгуби контролата по стомилионските трансфери на Рајс, Каиседо и Енцо Фернандес, а Елиот Андерсон е дефинитивно следната златна кокошка на англискиот фудбал.



