После толку најави и чекање конечно е пуштена во употреба грандиозната спортска сала „Расадник“ во Кисела Вода. Овој проект, кој траба да го врати сјајот на култниот објект, за својата целосна реконструкција, неофицијално чинеше вкупно 120 милиони денари, или околу 2 милиони евра.
Салата „Расадник“ е навистина место од огромно емотивно значење за ракометниот клуб Вардар. Навивачите добро паметат како во 90-тите години клубот грчевито се бореше на набабрениот паркет од салата каде што постојано течеше кровот, по што објектот со децении беше оставен во ужасна, руинирана состојба.
Сепак, сега сме 2026 година, а „Расадник“ по реновирањето од 2 милиони евра останува сала без вистински столчиња. Со дрвените клупи, трибините повеќе наликуваат на просечна школска сала наместо на модерна арена, што автоматски значи дека објектот воопшто не ги исполнува стандардите и условите за одигрување на меѓународни натпревари.
Токму затоа, салата ќе биде користена од РК Вардар само во првиот дел од сезоната од домашната лига, односно исклучиво за натпреварите кои што се најнеатрактивни за клубот. Штом работите станат посериозни во текот на сезоната и кога влогот ќе се зголеми, „црвено-црните“ експресно се враќаат во својот вистински дом – во храмот „Јане Сандански“ во Аеродром.



