Светското првенство во фудбал започна, но еден од најдобрите африкански судии во моментов мора да го гледа турнирот преку малите екрани поради бирократски и дипломатски апсурди. Сомалискиот судија Омар Артан, кој официјално беше прогласен за најдобар африкански судија за 2025 година од страна на КАФ, беше уредно вклучен на официјалната листа на ФИФА за собирот во Северна Америка. Сепак, неговиот сон беше брутално прекинат откако властите на Соединетите Американски Држави одбија да му издадат дозвола за влез во земјата.
Оваа одлука предизвика сериозно разочарување во Африка, со оглед на тоа што Артан е на интернационалната листа на ФИФА уште од 2018 година и зад себе има беспрекорна кариера, која кулминираше со совршено отсудениот реванш-натпревар во финалето на африканската Лига на шампиони.
УЕФА реагираше експресно и покажа солидарност
За да ја исправи неправдата и да покаже солидарност, Европската фудбалска куќа (УЕФА), во договор со африканската конфедерација (КАФ), донесе историска одлука. Омар Артан е официјално назначен за главен судија на претстојниот УЕФА Суперкуп, кој ќе се одигра на 12 август во Салцбург, Австрија. На овој престижен натпревар силите ќе ги одмерат освојувачот на Лигата на шампионите, Пари Сен Жермен, и победникот на Лигата на Европа, Астон Вила.
Оваа покана е директен производ на неодамна потпишаниот Меморандум за разбирање меѓу УЕФА и КАФ, чија примарна цел е соработка во развојот на фудбалот, унапредување на судењето и промовирање на основните вредности како што се еднаквоста, заедништвото и борбата против дискриминацијата.
Чеферин и Мотсепе обединети: Фудбалот мора да ги поврзува луѓето
Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин, не го криеше своето задоволство од овој избор, потенцирајќи дека Артан е исклучителен и искусен судија кој веќе се докажал на највисоко натпреварувачко ниво. Според Чеферин, фудбалот постои за да ги поврзува луѓето, а со овој потег УЕФА сака да му оддаде максимално признание и почит за неговите извонредни судиски квалитети.
Од друга страна, претседателот на КАФ, Патрис Мотсепе, изрази огромна благодарност до европските колеги, нагласувајќи дека Омар Артан ја направил горда целата сомалиска нација и комплетниот африкански континент. Мотсепе додаде дека ова назначување е брилијантен пример за тоа како фудбалот може да ги надмине сите административни бариери и да ги обедини луѓето од Африка, Европа и целиот свет во името на спортската правда.



