Запознајте го КуПС: Финскиот шампион со тренер-вундеркинд и милионски талент кој му стои на патот на Вардар!

 

Објавено:

Ждрепката во Нион одлучи. Македонскиот првак Вардар во првото квалификациско коло од УЕФА Лигата на шампионите за сезоната 2026/27 ќе ги одмери силите со финскиот шампион КуПС Куопио.

Додека „црвено-црните“ првиот натпревар ќе го играат на домашен терен во Скопје (7/8 јули), реваншот носи тешко гостување на студениот север. Но, кој е всушност противникот на македонскиот шампион? Тимот на Спортска Станица направи анализа на тимот од Финска.

Историја и континуитет на северот

Клубот чие целосно име е Куопион Палосеура (Kuopion Palloseura) е формиран во далечната 1923 година и претставува еден од најголемите спортски симболи во Финска. Во своите витрини имаат 8 фински шампионски титули и 5 трофеи во националниот Куп.

Она што е клучно да се знае е дека КуПС е тим во неверојатен подем. Тие се апсолутни владетели во Финска во моментов, освојувајќи ја шампионската титула во 2024 и 2025 година, а во 2024 година стигнаа и до двојната круна. Нивниот континуитет е застрашувачки.

Најголемата предност, натпреварувачкиот ритам

Најголемиот хендикеп за Вардар во овој двомеч ќе биде натпреварувачкиот ритам. За разлика од македонското првенство, финската Веикауслига се игра во календарска година (пролет-есен).

Тоа значи дека КуПС во моментов се наоѓа средиштето на сезоната. По 12 одиграни кола во тековната 2026 година, тие се наоѓаат на високото трето место со 21 освоен бод, што значи дека тимот е физички беспрекорно подготвен и тактички воигран.

Тренерот и клучните ѕвезди

Тимот од клупата го предводи 34-годишниот Миика Нуутинен, вистински тренерски вундеркинд кој ја презеде екипата во јануари 2026 година. Тој преферира стабилна 4-2-3-1 формација со фокус на брза транзиција преку крилните позиции.

Ростерот (со вкупна вредност од 5,8 милиони евра според transfermartkt) е спој на искусни интернационалци и врвни домашни таленти:

  • Ото Руопи (20): Апсолутно најголемата ѕвезда. Овој офанзивен играч неодамна беше продаден во германскиот Мајнц 05 за фантастични 1,3 милиони евра, но веднаш беше оставен на позајмица во КуПС. Сезонава има 3 гола и 3 асистенции.
  • Хаиме Морено (31): Искусниот репрезентативец на Никарагва е главен егзекутор. Тој е најдобар стрелец во тимот со 6 постигнати голови.
  • Боб Нии Арма (22): Десниот бек од Гана е вистинска офанзивна опасност од втор план, бидејќи сезонава веќе постигна дури 4 гола.
  • Во одбраната доминира новиот стопер од Гана, Касим Адамс, додека на голот сигурен статус има 30-годишниот австриец Јоханес Крајдл.
Специфично гостување: Вештачка трева и „Варе Арена“

Реваншот ќе се одигра на стадионот „Варе Арена“ во Куопио, објект со капацитет од 4.778 гледачи. Иако не се работи за огромен стадион, тој крие една голема стапица за гостите, подлогата е вештачка трева.

Извор: https://atleetti.fi/ {Kuva: All Over Press}

Во комбинација со постудената скандинавска клима и фактот дека противникот е во полн натпреварувачки налет, јасно е дека Вардар ќе мора да обезбеди позитивен и капителен резултат на првиот меч пред домашната публика во Скопје.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено