Европското фудбалско лето пристигнува, а македонскиот претставник ФК Силекс се подготвува за својот голем меѓународен предизвик. Кратовци во рамките на европските квалификации ќе ги одмерат силите со белорускиот гигант Динамо Минск, а раководството на клубот повлече одличен потег за да обезбеди максимална поддршка од трибините.
Бидејќи натпреварот поради европските стандарди ќе се одигра во Скопје на 16 јули (вторник) со почеток од 20:00 часот, управата на ФК Силекс одлучи да ги награди своите најверни симпатизери. Клубот организира потполно бесплатен автобуски превоз од Кратово до Скопје и назад, а во пакетот е вклучена и бесплатна влезница за самиот натпревар!
„Кратово дише за Силекс!“
Овој потег на раководството е јасен сигнал дека клубот сака да создаде вистинска домашна и пеколна атмосфера во Скопје, која ќе им даде крилја на фудбалерите на теренот против фаворизираниот противник од Белорусија.
„Да ги наполниме трибините и заедно да му дадеме силна поддршка на нашиот Силекс во европскиот предизвик! Секој глас е важен, секој навивач е дел од битката. Кратово дише за Силекс! За Кратово – за Силекс!“, стои во емотивниот повик од клубот.
Македонскиот клупски фудбал има потреба од полни трибини и обединетост кога се играат европските натпревари, па оваа иницијатива дефинитивно заслужува масовен одзив.



