2.8 C
Skopje

Макс сака да направи Ф1 возачи од сим тркачите

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Веќе е добро познато дека актуелниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, поминува многу време во видео игри и онлајн трки, но дали тоа е само страст на талентираниот холанѓанец или зад тоа се крие нешто повеќе?

Имено, тимовите во Формула 1 постојано ги следат трките во пониските класи на ова спортско натпреварување за да најдат нови таленти, но Макс го гледа неискористениот потенцијал кој се крие во виртуелниот свет.

Извор: https://www.facebook.com/MaxVerstappen

Според него, сим тркањето е повеќе од видео игра, тоа е кариерен пат во компетитивниот свет на е-спортот исполнет со шампионати, Формула 1 тимови и можност за тркање во вистинскиот живот.

“Двата света се доста слични. 90 до 95 проценти сè е веќе таму, остануваат само 5 проценти кои се главно вистинскиот момент на чувствување на автомобилот и неговата сила”, изјави недоамна Макс во видеото за Тим Редлајн.

Макс не ја крие својата љубов за играњето видео игри, а често пати изминатата сезона беше мета на критики токму поради времето кое го потроши на онлајн тркање за време на тркачките викенди во Формула 1. Но, тој ги замолкна критичарите кога излезе на патеката во Емилија Романа и го освои Гранд Прито откако претходно со неговиот тим ја освои 24 часовната виртуелна трка во Нирбургринг.

“Сите мислат дека тоа е само игра и дека е лесно и забавно. Но, конкуренцијата таму е исто така тешка, ако не и потешка за победување отколку во вистинскиот живот”, вели Макс.

Во 2015 година Макс се приклучи на Тим Редлајн, еден од најуспешните тимови во сим тркањето. Во нивните две декади постоење, откако беше основан од Дом Духан, тимот на сим тркачи има освоено бројни индивидуални и тимски шампионати низ повеќе различни игри.

Извор: https://www.facebook.com/MaxVerstappen

Како што напредува технологијата, репликите на дигиталните автомобили стануваат многу слични на оние во вистинскиот свет, па сим тркањето само по себе се претвори во спорт. Во 2017 година, Ф1 создаде и сопствена програма посветена на Ф1 видео играта, каде сите 10 тимови се натпреваруваат во Светскиот шампионат во Ф1 сим тркањето.

На прашањето зошто толку многу го сака онлајн тркањето, Макс вели: “Ги правам истите работи како и во вистинскиот живот. Се посветувам на сетапот на автомобилот, стратегијата на тркање, пит стоповите и сите тие работи. Од година во година сим тркањето станува сè повеќе професионално”.

Виртуелниот тим на Макс работи на истите принципи како и вистинските тимови. Инженерите работат на оптимизирање на автомобилите, се одржуваат состаноци пред и после трките и играчите ги анализираат извештаите за да видат каде може да се подобрат, но Верстапен вели дека овој тип на подготовки се случува само во “врвните тимови”. На пример, тој во 2023 година за време на тркачкиот викенд во Имола, потрошил 35 часа за да се подготви за 24-часовната онлајн трка. Но, вели дека тоа не му попречува да се подготви и за тркањето во вистинскиот живот, што го докажа и со победата токму на таа патека истата година.

“На почетокот уживав многу во сим тркањето и го користев како начин да се поврзам со мојот тим, Тим Редлајн. Но, сега исто така сакам да најдам можности за сим возачите да се пробијат во вистинскиот живот”, изјави Макс.

Извор: https://www.facebook.com/MaxVerstappen

Влезот во светот на мото трките е скап, а тоа создава значајна бариера за влез. Дури и да започнете со картинг и да користите стара опрема, повторно трошоците се многу големи. Од мотор, шасија, одело, ракавици, чизми и кацига, па сè до трошоци поврзани со лиценци, плаќање на термини за картинг и поправки на опремата.

“Сите знаеме дека е скапо да започнеш со картинг. А, во сим тркањето можеш да го видиш талентот уште при користење на многу аматерска опрема, нешто што можеш да го купиш во локалната продавница. Тоа чини многу помалку пари. Исто така, можеш да привлечеш таленти од целиот свет. На пример, ако ги погледнете возачите во Ф1, изборот е ограничен главно на Европа. Можеби понекогаш ќе се појави некој од Америка, Канада, Јужна Америка или Мексико, но тоа не е многу. Во сим тркањето имате многу повеќе различни земји кои веќе учествуваат, но јас сакам да пробам и да го отворам тој свет за уште повеќе возачи”, вели Макс.

Верстапен смета дека со вистинските луѓе околу него и неговото досегашно искуство, може да им помогне на сим тркачите да успеат на вистинските патеки. Брзината е нешто на што треба да се прилагодат овие возачи, затоа што тоа не е нешто што го чувствуваш додека возиш во симулаторот, а ако се удриш во ѕид тоа не боли како во реалниот живот. Макс вели дека тоа е најголемата разлика, а ако се удриш во вистинскиот живот, тоа чини многу пари и можеш сериозно да се повредиш.

Исто така, тука е и компонентата на физичката подготвеност. Во сим тркањето можеш да останеш буден до доцна во ноќта и исхраната да не ти е премногу здрава, па Макс смета дека може да им помогне и во тој дел, укажувајќи им ја разликата што ја прави нутритивната исхрана во тркањето.

“Во основа, ќе треба да поминат низ сите овие фази за да сфатат што треба да направат за да станат атлета. А, оттука, ќе треба да им се даде време. Да се работи со нив во вистинскиот живот, чекор по чекор, за да се изградат во она што треба. Не можеш да ги брзаш и да им кажеш дека за една година ќе бидат на врвот. Тие ќе се натпреваруваат со луѓе кои пораснале како мене, кои го започнале своето искуство во картинг и се надоградувале од таму”, вели Верстапен.

Тој веќе започна да работи на оваа идеја со синот на неговиот менаџер, Тиери Вермулен. Тој почна да се трка на 18 години, влегувајќи го сето тоа со “нула искуство”. Моментално тој се трка само во GT3 во вистинскиот живот и вежба сим тркање.

Верстапен е во врвот на својата кариера моментално. Со четири освоени титули, тој не покажува знаци дека планира да се откаже наскоро. Но, исто така размислува и за иднината.

Кога Холанѓанецот сакал да вложи во сим тркањето, се решил тоа да го направи во Тим Редлајн, бидејќи го видел потенцијалот и бил во супер односи со моменталното раководство на тимот.

“Јас сум многу лојална личност. Навистина многу го ценам пријателството. Можев да направам тим под мое име, но не сакав да го направам тоа бидејќи тоа е група на многу добри луѓе во Тим Редлајн. Не сакав тие да дојдат и да возат за мене, сакав да останат во таа структура”, вели Макс на прашањето зошто не вложил пари во сопствен тим.

Сепак, Макс вели дека во иднина ќе сака да основа и негов тим. Нешто што би било спој меѓу сим тркањето и тркањето во вистинскиот живот. Притисокот е главен концепт во целата оваа приказна. Ќе биде потребно време, трпение и инвестирање за да се спојат овие два света.

“Знам дека ќе биде потребно време, но јас сакам да видам таленти кои ќе преминат во вистинскиот свет. Не сите го имаат тоа во себе. Некои се едноставно многу добри во тоа што го прават и можеби нема да успеат во вистинскиот свет, но барем сум им дал шанса да се пробаат. Идеално тие би започнале во мојот тим, а потоа би биле одбрани од производителите од каде ќе можат да си ја изградат својата кариера. Мислам дека тоа би било една многу убава приказна”, вели Макс.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено