Искуство од Франција за шампионски амбиции: Колаковиќ е нов среден бек на Еурофарм Пелистер

 

Објавено:

Ракометниот гордост на Битола, Еурофарм Пелистер, забрзано ја комплетира екипата која следната сезона ќе биде предводена од легендарниот Лино Червар. Клубот официјално го потврди своето најново засилување за натпреварувачката 2026/27 сезона – српскиот репрезентативец Алекса Колаковиќ, кој ќе ја има одговорната задача да ја организира играта на тимот од позицијата среден бек.

Сериозно искуство од една од најсилните светски лиги

Дваесет и осумгодишниот Колаковиќ, кој потекнува од Подгорица, пристигнува во градот на конзулите со одлично меѓународно портфолио. Својот ракометен занает во изминатиот период го печеше во исклучително силниот француски шампионат, кој важи за еден од најквалитетните во светот. Зад неговото име стојат четири забележителни сезони во дресот на Сант-Рафаел, како и две дополнителни сезони бранејќи ги боите на Шартр.

Настапите на француското тло, надополнети со шест настапи за сениорската репрезентација на Србија, беа цврста препорака за управата на битолскиот клуб. Колаковиќ со Еурофарм Пелистер договори соработка во траење од една година, со опција договорот да биде продолжен на уште една дополнителна сезона. Според информациите од клубот, тој со големо задоволство го прифатил предизвикот да дојде во најракометниот град во Македонија и да игра пред публика која важи за една од најдобрите во светот.

Комплетна реконструкција на ростерот по мерка на Червар

Трансферот на Колаковиќ потврдува дека Еурофарм Пелистер е решен да му овозможи на новиот стратег Лино Червар широк и конкурентен ростер за претстојните битки на домашната и европската сцена. Српскиот плејмејкер е дури деветтото ново име кое летово пристигна во салата „Боро Чурлевски“.

Пред него, зелено-белиот дрес го задолжија уште осуммина ракометари: Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ.

Новиот организатор на играта официјално ќе ѝ биде претставен на битолската јавност и на медиумите на 24 јули, кога е закажан официјалниот старт на летните подготовки на екипата.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено