Раководството на Атлетико Мадрид експресно и брутално одговори на јавното барање на Хулијан Алварез за трансфер во Барселона. Откако 26-годишниот Аргентинец по натпреварот со Австрија изјави дека трансфер е „најдоброто нешто за сите“ и дека сака да го „исполни својот сон“, мадридскиот клуб постави непробоен ѕид.
Челниците на Атлетико преку изјава за шпанскиот весник АС порачаа дека не постои сума за која Алварез би бил продаден на Барселона доколку не се активира откупната клаузула. Односите меѓу двата клуба веќе се сериозно нарушени, до тој степен што Атлетико навести и потенцијални правни мерки против Барселона поради овој случај.
„Видовме како Барселона оперирала во минатото. Не постои сума која Барселона може да ја плати за Хулијан, и тој нема да биде трансфериран во Барселона. Или ќе ја платат откупната клаузула од 500 милиони евра или ништо“.
Статистиката зад тврдиот став на Атлетико
Ваквиот бескомпромисен став на Атлетико е сосема логичен ако се земе предвид колку Аргентинецот е важен за тактичките замисли на Диего Симеоне, но и колку клубот веќе има инвестирано во него.
Алварез пристигна во тимот од Манчестер Сити во 2024 година за трансфер вреден до 95 милиони евра. Неговиот актуелен договор е со важност до 2030 година, а откупната клаузула е поставена на астрономски 500 милиони евра како јасна линија на одбрана. Во црвено-белиот дрес тој има забележано 106 настапи на кои постигнал 49 голови, со што ги надмина сите свои соиграчи во изминатите две сезони. Дополнително, тој има дури 66 директни учества во постигнување голови, што е за 18 повеќе од учинокот на Антоан Гризман во истиот период.
Блокиран пазар: Каде ќе продолжи Алварез?
Барселона го гледа Алварез како примарна опција за замена на Роберт Левандовски чие заминување ја забрза потрагата по нов елитен напаѓач. Каталонскиот гигант веќе имал контакти преку посредници за личните услови на играчот, поради што изјавата на Алварез во Шпанија се протолкува како директен сигнал кон Барса.
💭🔵🔴 El 𝒔𝒖𝒆𝒏̃𝒐 de Julian Álvarez
— Mundo Deportivo (@mundodeportivo) June 22, 2026
🕸️ La 'araña' ha manifestado su deseo de ser transferido y cumplir su sueño pic.twitter.com/8zAtNmCSAY
Од друга страна, Реал Мадрид ја испрати единствената конкретна понуда летово од 150 милиони евра, која беше експресно одбиена без простор за преговори, по што „Кралскиот клуб“ се повлече од понатамошната трка. Иако се споменува интерес и од ПСЖ и од Арсенал, медиумскиот фокус останува концентриран во Шпанија.
Ситуацијата се претвора во класична пат-позиција. Играчот сака да си замине, откупната клаузула е практично невозможна за плаќање, а Атлетико не покажува намера да попушти пред притисокот. Главниот проблем за Диего Симеоне ќе настане кога Алварез ќе треба да се врати на клупските тренинзи по завршувањето на Мундијалот, доколку овој проблем не биде решен пред стартот на претсезонските подготовки.



