Легендарниот полски напаѓач Роберт Левандовски ја пронајде својата нова фудбалска дестинација. По истекот на договорот со Барселона ова лето, 37-годишниот слободен агент ги договори сите услови за преселба во американската МЛС лига и ќе потпише двегодишен договор со екипата на Чикаго Фајр.
Левандовски, кој претходно овој месец го посети Чикаго за да ги разгледа опциите, ќе стане еден од најплатените фудбалери во Соединетите Американски Држави. Неговото пристигнување предизвика вистинска еуфорија, особено ако се знае дека во Чикаго живее огромна полска заедница. Овој трансфер е клучен дел од стратегијата на клубот за привлекување нови навивачи, како подготовка за преселбата на нивниот нов стадион, „Мекдоналдс Парк“, кој треба да биде отворен во 2028 година.
Берхалтер: „Тој е на исто ниво со Меси“
Поранешниот освојувач на Лигата на шампионите и сопственик на 10 титули во Бундеслигата и три во шпанската Ла Лига, доаѓа во МЛС со статус на апсолутна суперѕвезда. Тренерот и спортски директор на Чикаго Фајр, Грег Берхалтер, не ги криеше амбициите.
„Се обидуваме да донесеме играчи од светска класа. Сметаме дека Левандовски е одлично засилување, не само за Чикаго Фајр, туку и за целата лига. Во однос на квалитетот и способноста, ние го гледаме на исто ниво со Лионел Меси, и ова ќе биде извонредна работа за градот Чикаго“, изјави Берхалтер.
Тактичкиот план на Берхалтер е да создаде најсмртоносен напад во лигата, спојувајќи го Левандовски со Хуго Кајперс, моментално најдобриот стрелец во МЛС. Клубот забрзано работи на решавање на визните процедури, со надеж дека Пољакот ќе дебитира веќе на 16 јули против Ванкувер.
Трансферот на Левандовски може да има домино ефект. Извори блиски до клубот потврдуваат дека Чикаго Фајр е во напредни преговори со Леон Горецка. Американците се надеваат дека присуството на Левандовски ќе биде пресудниот фактор кој ќе го убеди 31-годишниот германски репрезентативец да ги одбие европските понуди и повторно да заигра со својот поранешен соиграч од Баерн Минхен.
МЛС лигата станува рај за ѕвездите
Пристигнувањето на Левандовски е само продолжение на агресивната кампања на МЛС лигата за носење глобални суперѕвезди. По огромниот комерцијален успех со трансферите на Лионел Меси во Интер Мајами и Сон Хеунг-мин во Лос Анџелес, лигата продолжи да ги привлекува големите имиња.
Со играчи како Антоан Гризман (Орландо), Томас Милер (Ванкувер) и Родриго Де Пол (Мајами), МЛС наликува на ол-стар натпреварување. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека пред планираната промена на календарот во 2027 година, лигата ќе мора сериозно да ги ревидира правилата за ростери и ограничувања на платите, доколку сака овие екипи да станат вистински конкурентни на глобално ниво, а не само маркетинг атракции.



