Турнирот Macedonian Open 2026 влегува во својата најинтересна фаза, а домашните тенисери продолжуваат да ја бранат честа на македонскиот тенис. Калин Ивановски е првиот кој успеа да го завери својот пласман во четвртфиналето, додека борбата на Обрад Марковски е ставена во „стенд-бај“ поради паѓањето на ноќта.
Ивановски рутински до четвртфинале
И покрај доцниот почеток на натпреварот, предизвикан од вчерашните врнежи од дожд, Калин Ивановски покажа смиреност и концентрација кога беше најпотребно. Македонскиот тенисер го совлада Лиам Деликата од Малта со 2:0 (6:4, 6:3) по час и 48 минути игра.
Ивановски доминираше во клучните моменти од мечот. Иако Деликата успеа да врати брејк во првиот сет и да го израмни резултатот на 3:3, Ивановски веднаш ја врати контролата и го приведе сетот кон крајот со 6:4. Во вториот сет, македонскиот играч имаше предност од 4:1, и иако ривалот се закани со намалување на 4:3, Ивановски не дозволи изненадување и со два врзани гема го затвори натпреварот.
Утре, во битката за пласман во полуфиналето, го очекува далеку потешка задача. Противник ќе му биде шестиот носител, Италијанецот Александер Вајс, кој денес беше исклучително активен со две победи во еден ден.
Драмата на Марковски продолжува утре
Мечот на Обрад Марковски против четвртиот носител, Украинецот Владислав Орлов, беше прекинат поради недостаток на видливост. Марковски имаше одличен старт и го доби првиот сет со 6:3, додека во вториот се играше израмнето (2:2). Организаторите одлучија продолжението на овој неизвесен дуел да се одигра во текот на утрешниот ден.
Резултати во двојки
Во конкуренција на двојки, за жал, македонските комбинации не успеаја да ја минат првата пречка. Кристијан Јанев и Стефан Мицов беа поразени од браќата Шандаров со 6:4, 6:4, додека Ѓорѓи Јанкуловски и Дарко Колевски загубија од бугарската двојка Керемидџиев/Симеонов со 6:2, 6:1. Единствена светла точка во двојки останува Амар Хусеиновиќ, кој заедно со Роман Постолка од Чешка ќе настапи во второто коло, откако ривалите го предадоа натпреварот без борба.



