(Видео) ФИФА официјално го брани голот на Англија: Сензорот не регистрирал промена!

 

Објавено:

Контроверзниот инцидент од мундијалското четвртфинале во Мајами, каде Англија ја елиминираше Норвешка со 2-1 по израмнувачкиот гол на Џуд Белингем, добива нова, уште пожешка епизода. Откако јавноста и норвешкиот табор згрмеа дека топката удри во кабелот од „Спајдеркем“ камерата пред акцијата за израмнување, ФИФА излезе со официјално соопштение. Но, наместо да ги смири страстите, светската куќа на фудбалот само долеа масло во огнот.

ФИФА тврди: Сензорот не регистрираше никаков „пулс“

ФИФА експресно ги отфрли сите обвинувања, потпирајќи се на високата технологија вградена во самата топка. Според нивното официјално соопштение, паметниот сензор воопшто не покажал промена или пик во т.н. „пулс на топката“ додека таа била во воздух во судиското продолжение (45+2 минута) од првото полувреме.

ФИФА објави и официјално видео со графички приказ од паметниот чип за да докаже дека нема апсолутно никаков доказ дека топката го допрела висечкиот кабел или дека нејзината траекторија се променила поради надворешно влијание. Според нив, францускиот судија Клеман Турпен донел правилна одлука што дозволил играта да продолжи.

Солбакен и Халанд бесни: „Топката падна директно од небото!“

Ваквото технолошко објаснување воопшто не ги задоволи Норвежаните, кои се чувствуваат брутално оштетени бидејќи фудбалските правила наложуваат играта веднаш да се прекине и да се досуди спуштена топка доколку има удар во надворешен објект.

„Топката едноставно падна директно од небото. Ја промени насоката, настана недоразбирање меѓу нашите играчи и тоа беше ужасен момент за нас. Мислам дека е прилично јасно дека удри во кабелот, тоа беше премногу чудна работа. Но, ако чипот вели дека нема ништо, што можам јас да кажам против тоа? Мечот нема да го преигруваме, тоа е што е“, изјави разочараниот селектор Стале Солбакен, чиј став на теренот бурно го поддржаа и голманот Оријан Ниланд и напаѓачот Ерлинг Халанд.

Технолошка војна: Софтверот на Би-Би-Си снимил дефлексија!

Но, она што е интересно е дека софтверот на британскиот јавен сервис Би-Би-Си (BBC), кој ги претвора натпреварите во 3Д верзија, нуди сосема поинаква перспектива. За разлика од чипот на ФИФА, софтверот на ББЦ снимил јасна „дефлексија“ и неприроден прекид во траекторијата на топката токму во моментот кога таа поминувала покрај каблите на камерата.

Од друга страна, англискиот селектор Томас Тухел целосно застана зад светската куќа на фудбалот. „Постои чип во топката кој може да ви каже дали и влакно од коса ја допрело топката, нешто што одлично го видовме на мечот меѓу Хрватска и Португалија. Затоа, тие мора да знаат најдобро дали се случил удар или не. Јас верувам во технологијата на ФИФА“, истакна Тухел. Скандалот останува отворен, а дебатата дали технологијата се користи селективно за големите фаворити продолжува да ја тресе фудбалската јавност.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено