Легендарниот шаховски велемајстор и претседател на Иницијативата за обнова на демократијата, Гари Каспаров, објави исклучително моќна и сериозна колумна за престижниот медиум Вашингтон Пост, во која до детал ги сецира судиските скандали, политичките притисоци и селективната употреба на технологијата на Светското првенство 2026. Како платформа која преку својот „Вајт Пејпер“ безкомпромисно се бори за чист спорт, Спортска Станица во целост го споделува ставот на Каспаров, транспарентноста и интегритетот никогаш не смеат да им се препуштат на машините.
ФИФА како „спортски Кремљ“ под превезот на дигиталната завеса
Каспаров во својата анализа повлекува директна паралела меѓу судиските неправди и геополитичкиот криминал, нотирајќи дека во истата недела кога ФИФА и ВАР собата носеа скандалозни одлуки, Интернационалниот олимписки комитет привремено ја суспендираше забраната за Русија, иако таа сè уште врши воени злосторства во Украина. Тој остро го отфрла и соопштението на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се фалеше дека лично интервенирал кај претседателот на ФИФА, Џани Инфантино (кој во 2025 година му додели апсурдна „Мировна награда“ на Трамп), за да се поништи црвениот картон на американски фудбалер пред мечот со Белгија.
„Тоа е култура на корупција која некогаш беше резервирана за диктатурите и банана-републиките. Судиските скандали можеби немаат ист морален ужас како војната, но мирисот на потенцијална корупција брзо се шири ако не му се спротивставиме“, предупредува поранешниот светски шаховски шампион.

Хрватското влакно во јајцето и селективниот криминал на ВАР
Посебен акцент во колумната е ставен на фамозната ВАР технологија. Каспаров признава дека во 2002 година, по големиот судиски грабеж врз Шпанија во корист на Јужна Кореја, самиот лобирал за воведување видео-репетиција, верувајќи дека компјутерите ќе ги спречат скандалите. Денес, 24 години подоцна, тој признава дека згрешил.
VAR = Verifying Approved Results
— Garry Kasparov (@Kasparov63) July 12, 2026
„Машините кои го мерат офсајдот наводно до милиметар и сензорите во топката кои очигледно можат да детектираат допир на коса – ако е тоа хрватска коса – не го решаваат проблемот со транспарентноста. Кој одлучува што да се прегледа и кога? Компјутерите користат правила што ние им ги даваме. Тие се наши алатки, а не пророштва. Технологијата е агностична, но луѓето сè уште имаат монопол на злото“, пишува Каспаров.
Според него, ФИФА свесно ја користи дигиталната завеса за да ги заштити своите интереси и да ги задржи најголемите ѕвезди како Кристијано Роналдо и Лионел Меси што е можно подолго на турнирот, додека брутално ги оштетува селекциите како Египет и Хрватска. Крајниот заклучок на велемајсторот е девастирачки за спортските моќници, технологијата денес служи како совршено оправдување зад кое корумпираните авторитети ги кријат своите одлуки, тврдејќи дека „само ги следеле наредбите на компјутерот“. Фудбалот мора да се врати на децата и на убавите човечки моменти на теренот, а не на анимациите во ВАР собите.



