Мундијалот во Северна Америка заврши со славје на Шпанија, но една одлука на ФИФА остави горчлив вкус и предизвика лавина од реакции. Наградата „Златна топка“ за најдобар играч на турнирот заврши во рацете на шпанскиот играч за врска Родри. Иако неговата игра во финалето беше маестрална, се поставува едно логично прашање: Дали Лионел Меси беше вистинскиот играч на турнирот и дали ФИФА се исплаши од потенцијалните критики на „хејтерите“ доколку наградата му ја додели на играч од поразениот тим?
Меси ја носеше Аргентина, Родри диктираше темпо
Ако ја погледнеме статистиката и влијанието врз тимот, Лионел Меси имаше блескав турнир. Со 8 голови и 4 асистенции, тој беше апсолутно клучниот фактор зошто Аргентина воопшто стигна до големото финале. Тој правеше магија на теренот во она што веројатно е негов последен Мундијал, но на крајот си замина само со Сребрена топка и сребрен медал.
Од друга страна, Родри е неспорно брилијантен играч. Тој влијаеше врз играта преку целосна контрола на средината на теренот, а не преку голови. Беше вистински лидер на шпанската селекција, но многумина забележуваат еден круцијален детаљ: Родри беше заменет во 99-та минута додека резултатот во финалето сè уште беше 0-0. Дали играч кој е изваден од игра пред да биде решен победникот навистина е најдобриот на целиот турнир пред играч како Меси или, пак, дефанзивците на Шпанија кои примија само еден гол на целиот турнир?
Познатиот аналитичар и поранешен фудбалер Џеј Ботројд во дебатата за „Sky Sports“ беше дециден. Тој потенцираше дека „Х-факторот“ кој го поседува Меси и неговото огромно влијание врз играта значат дека тој, без никаков сомнеж, требаше да биде прогласен за играч на турнирот пред Шпанецот.
Дали ФИФА потклекна под притисокот?
Гласачите очигледно решија дека не сакаат да ја дадат наградата на играч од поразениот тим. Но, историјата нè учи поинаку. Во минатото, Златната топка ја освојувале Оливер Кан (2002), Зинедин Зидан (2006), Диего Форлан (2010), Лионел Меси (2014) и Лука Модриќ (2018) – сите играчи кои НЕ го освоија Мундијалот во таа година.
Наративот дека „победникот мора да ги земе сите награди“ изгледа како проѕирно алиби на ФИФА за да го избегне гневот на дежурните теоретичари на заговор на интернетот, кои едвај чекаат да ја обвинат организацијата дека го „фаворизира“ Меси.
Глас на навивачите: Двојни стандарди и лицемерје
Одлуката предизвика вистинска бура на социјалните мрежи, каде фудбалските фанови жестоко ја критикуваа ФИФА за двојните аршини. Еве дел од највпечатливите коментари кои кружат на интернетот:
“Златната топка се гласа пред финалето, а некако играчот со 8 голови и 4 асистенции не ја добива. Невидено!”
“ФИФА треба да се срами што дозволи теоретичари на заговор со низок коефициент на интелигенција да влијаат врз клучни одлуки. Најголемиот грабеж овде е наградата за Родри. Немам видено ваква бесрамна бесмислица уште откако Блатер сомнително го продолжи гласањето за Роналдо во 2013 година”.
“Родри беше најдобриот шпански играч без сомнение, но тој НЕ БЕШЕ најдобар играч на турнирот. Веќе утврдивме со Форлан, Зидан, Кан и Модриќ дека наградата не мора да оди кај победникот. Меси дефинитивно беше играч на турнирот”.
“Двојните стандарди се неверојатни. Родри освои Златна топка без ниту еден гол или асистенција, и никој нема проблем со тоа. Да беше Меси со истата таа статистика – дури и Аргентина да го освоеше Мундијалот – целиот интернет ќе гореше! Луѓето ќе вриштеа дека е ‘кражба’, дека Мбапе ја заслужил и ќе го туркаа наративот дека ФИФА го штити Меси. А сега? Целосна тишина. Проклети лицемерни двојни стандарди”.
Дали фудбалската политика повторно го победи самиот фудбал? На крајот на денот, магијата на Меси на овој Мундијал ќе остане запаметена засекогаш, дури и без Златната топка во неговите раце.



