(Видео) Горчлив 79-ти роденден. Вардар скапо ги плати дефанзивните грешки во европската битка со Рига!

 

Објавено:

Македонскиот шампион Вардар доживеа болен пораз во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига. На денот кога гордоста на Скопје го прослави својот 79. роденден, летонскиот првак Рига успеа да слави со 2-3 на Националната арена „Тодор Проески“ пред околу 2.000 гледачи.

Голеада и брзи пресврти во првиот дел

Домашниот состав натпреварот го започна без повредениот дефанзивец Дарко Велковски, чие место го зазеде Филип Најдоски. Резултатот го отвори Диего Кастањеда во 28. минута, откако одлично се снајде по левата страна по едно лошо избивање на топката од противничката одбрана, носејќи предност од 1-0 за „црвено-црните“.

Сепак, радоста траеше премногу кратко. Рига возврати молскавично со два гола во интервал од само четири минути. Прво Орландо Гало израмни во 35. минута, а потоа Иаго Сикера во 39. минута ја казни големата грешка на голманот Давор Талески, обезбедувајќи предност за Летонците од 1-2 пред заминувањето на пауза.

Родригеш врати надеж, Сикера го зададе финалниот удар

Аргентинскиот стратег на клупата на Вардар, Кристијан Фабијани, реагираше со двојна замена, внесувајќи ги Немања Босанчиќ и Горан Закариќ во 59. минута. Овој потег вроди со плод во 66. минута, кога Закариќ мајсторски асистираше до новото засилување Герсон Родригеш, кој со прецизен удар со глава израмни на 2-2.

Кога се чинеше дека Вардар е во налет и диктира игра, една изгубена топка на средината на теренот скапо го чинеше македонскиот тим. Брзиот контранапад го повлече Андрес Салазар, кој во срцето на шеснаесетникот го пронајде Иаго Сикера, а тој во 81. минута го постигна својот втор гол за конечни 2-3.

Тренерски анализи: Вината е моја, реваншот е сè уште отворен!

Тренерот на Вардар, Фабијани, ја презеде целосната одговорност за поразот, застанувајќи во одбрана на своите играчи: „Среќен сум од тоа како одигравме, но разочаран поради грешките што нè чинеа пораз. Одбраната одигра солиден натпревар, грешките беа голмански, но вината нека падне на мене. Не му замерувам на Давор Талески, тој многу пати го вадел Вардар.

Од спротивниот табор, словачкиот стратег Адриан Гула предупреди дека ништо не е готово пред реваншот во Летонија, кој е закажан за следниот вторник: „Двомечот не е завршен, ова е само првиот чекор. Го гледавме Вардар и против КуПС и знаеме дека може да биде многу незгоден тим.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено