Ерата на Столе може да започне! Бутел Скопје со храбар концепт ветува ракомет без досада

 

Објавено:

Една од најголемите легенди на македонскиот ракомет, Стојанче Стоилов, и официјално ја започна својата нова авантура, овојпат како главен предводник и стратег. РК Бутел Скопје ги стартуваше подготовките за претстојната сезона под негова палка, означувајќи почеток на една нова ера за клубот.

Од тука почнува неговиот пат како лидер на стручен штаб, а ние можеме само да му посакаме на овој предизвик да гледа како на првото скалило кое ќе го однесе до кревање на пехарот во Лигата на шампионите, исто како што тоа го направи како играч во два наврати. А зошто да не, еден ден и до успеси како предводник на нашата репрезентација.

Браво за концептот и храброста!

Во моменти кога сите погледи на јавноста се вперени кон четирите домашни титани Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид и Охрид, одлуката на Бутел Скопје да им даде шанса на млади ракометари е потег кој е достоен за максимална почит. Овој македонски концепт и ангажманот на млади домашни таленти е вистинско освежување.

Она што со сигурност можеме да го гарантираме, знаејќи го нескротливиот темперамент на Столе и неговата огромна љубов кон ракометната игра, е дека ниту еден натпревар на Бутел оваа сезона нема да биде здодевен!

Нови лица и продолжени договори за сигурна иднина

Управата на клубот заврши одлична работа во преодниот рок, доделувајќи му на новиот тренер квалитетен ростер. Најзвучното засилување е искусниот чувар на мрежата Градимир Чаневски, кој по четири сезони се враќа во клубот. Голманското трио ќе го комплетира Марко Богдановски, кој доаѓа од шампионот Вардар, од каде што пристигнува и десниот бек Кристијан Стаменковиќ.

Свежа млада крв во тимот носат Давид Аврамовски (од Аеродром), Тома Симоновски (од Мулти Есенс), Андреј Ѓорѓески (од Алкалоид) и Тодор Аксентиев (од Мулти Есенс). Истовремено, клубот ја осигура иднината потпишувајќи нови повеќегодишни договори со клучните играчи: Бојан Спасовски, Дејан Михајловиќ, Теодор Тодески, Давид Јаневски, Марко Каевски и Стефан Зенговски.

Формата за новата сезона и настапот во ЕХФ Европскиот Куп, избраниците на Стоилов ќе ја темпираат на турнирите во Струга (12-15 август) и Прилеп (20-23 август). Првиот официјален предизвик во домашното првенство е закажан за 5/6 септември на домашен терен против Младост Богданци.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено