Утрешниот спектакл за трофејот во УЕФА Суперкупот меѓу Пари Сен Жермен и Астон Вила (21:00 часот) ќе се одигра на еден од најубавите и најмодерните фудбалски објекти во централна Европа. „Штадион Салцбург“ (комерцијално познат како „Ред Бул Арена“) во австрискиот град Салцбург за прв пат во својата историја ќе биде домаќин на едно големо финале под покровителство на УЕФА.
Овој стадион со тоа ќе стане 14-тиот различен објект кој го угостил Суперкупот откако УЕФА одлучи да го пресели натпреварот од неговиот долгогодишен дом во Монако. Низ годините, домаќини на овој настан беа градови како Прага, Кардиф, Тбилиси, Хелсинки, Варшава, но и нашето Скопје во 2017 година!
Од проект за ЕВРО 2008 до тврдина на Ред Бул Салцбург
Сместен во предградието Валс-Зиценхајм, стадионот беше официјално отворен во март 2003 година со капацитет од 18.250 места. Сепак, неговата вистинска експанзија се случи пред Европското првенство во 2008 година (кое Австрија го коорганизираше со Швајцарија).
Објектот доби целосно нов горен степен (втор прстен), зголемувајќи го капацитетот на над 30.000 гледачи. За време на ЕВРО 2008, Салцбург беше домаќин на три натпревари од групната фаза, на кои присуствуваа вкупно 90.000 навивачи, вклучувајќи ја и победата на подоцнежниот шампион Шпанија над Грција (2-1).

Денес, арената е дом на ФК Ред Бул Салцбург. Максималниот капацитет изнесува 30.188 седишта, додека за европските натпреварувања според строгите регулативи на УЕФА, бројката е намалена на 29.520. Оваа бројка беше достигната на 8 март 2018 година за време на историскиот четвртфинален дуел во Лига Европа меѓу Салцбург и Борусија Дортмунд, што претставува апсолутен рекорд за европски натпревар на овој објект.
Дигитализација, екологија и нулта толеранција за пушење
Она што го прави „Штадион Салцбург“ посебен е неговата посветеност кон современите трендови и комфорот на навивачите. Во 2021 година, ВИП зоната и бизнис просторот беа целосно реновирани и сега можат да примат 1.000 гости во ултралуксузен амбиент со 12 ексклузивни ложи („Sky boxes“).
Стадионот работи како целосна безготовинска зона. Сите 39 киосци за храна и пијалаци прифаќаат исклучиво плаќање со картички, паметни телефони или часовници, со што целосно се елиминирани долгите редици. За оние кои немаат картички, клубот нуди специјални припејд „ARENAKARTE“.

Екологијата и здравјето се исто така на прво место. Стадионот има строга политика на нулта толеранција за пушење на целата своја територија, со цел да обезбеди чиста и семејна атмосфера. Дополнително, за да се намали пластичниот отпад, сите пијалаци се служат во чаши за повеќекратна употреба кои се наплатуваат со капар од 2 евра, а навивачите имаат опција тој капар да го донираат во хуманитарни цели по завршувањето на натпреварот.
Срцето на стадионот е Северната трибина („North Curve“), каде се сместени најверните навивачи кои се познати по своите спектакуларни кореографии. Вечерва, сепак, трибините ќе бидат поделени меѓу фановите на ПСЖ и Астон Вила, кои ќе имаат можност да уживаат во еден од најсовремените фудбалски храмови во Европа.



