Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, ја потврди својата одлична форма и ја претвори спринт пол-позицијата во сигурна победа на патеката Зандворт за Големата награда на Холандија. Британскиот возач ја контролираше трката од 24 круга од самиот почеток до крајот, одбивајќи ги раните напади и славејќи пред Шарл Леклер од Ферари и Ландо Норис од Мекларен.
Ова е третпат во кариерата Расел успешно да конвертира спринт пол-позиција во триумф, најавувајќи силен викенд за тимот на Мерцедес по враќањето од летната пауза.
Храбриот потег на Леклер и проблемите на Норис
Иако голем дел од спринтот помина во прилично мирно темпо без многу претекнувања, потсетувајќи повеќе на парада на автомобили отколку на вистинска трка, возбудата ја донесе Шарл Леклер. Возачот на Ферари беше еден од ретките кој ризикуваше со старт на меки гуми.
Откако Ландо Норис почна да се жали на сериозни проблеми со стабилноста на задниот дел од болидот некаде на половина од трката, Леклер тргна во офанзива. Клучниот момент се случи во 18-от круг, кога возачот од Монако со одличен маневар во првиот свиок го претекна Норис. Леклер успеа мајсторски да ги сочува истрошените меки гуми и ја задржа втората позиција сè до самиот крај.
Антонели веднаш зад подиумот, дожд на самата цел
Младата надеж на Мерцедес и лидер во генералниот пласман, Кими Антонели, имаше одличен старт и веднаш го претекна Оскар Пијастри (Мекларен). Италијанецот вршеше постојан притисок врз Норис во финишот, но сепак мораше да се задоволи со солидното четврток место. Пијастри заврши петти, додека зад него, на шестото и седмото место, завршија Макс Верстапен и Луис Хамилтон по нивната стандардна меѓусебна битка која овој пат помина без промена на позициите.
Последното бодовно место му припадна на Пјер Гасли, кој одлично го искористи освежениот болид на Алпин и заврши осми, пред Габриел Бортолето од Ауди.
Интересно е што облаците над Зандворт се закануваа во текот на целиот спринт, но дождот почна да паѓа буквално во моментот кога Џорџ Расел ја мина целната линија, оставајќи ги возачите и тимовите со олеснување, но и во голема неизвесност за тоа што ги очекува на главните квалификации денес во 16 часот.



