Чеферин: Планот на Инфантино за ФИФА е „мртов“!

 

Објавено:

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, официјално потврди дека нема намера да се кандидира за претседател на ФИФА, но истовремено упати остри критики кон актуелниот лидер на светската куќа на фудбалот, Џани Инфантино, порачувајќи дека неговото владеење е при самиот крај.

„Фудбалот не е на продажба“

Во најновото интервју, Чеферин го осуди контроверзниот план на Инфантино (FIFA Forward Enterprise) за продажба на 20 отсто од уделот во Светското првенство и другите турнири на приватни инвеститори. Словенецот овој потег го нарече поопасен дури и од идејата за европска Суперлига.

„Мислам дека тоа е полошо од планот за Суперлигата. Во првиот случај, супер-важни клубови сакаа своја лига, што е погрешно и би го уништило фудбалот. Но, во овој случај, фудбалот буквално ќе беше продаден. Сигурен сум дека тој план е мртов. Тешко е да се замисли какви луѓе би сакале да продадат спорт кој им припаѓа на сите“, изјави Чеферин, додавајќи дека сите 55 членки на УЕФА едногласно го отфрлиле овој предлог со порака дека не се на продажба.

Инфантино ја губи поддршката пред изборите

Што се однесува до иднината на Инфантино и претстојните избори на ФИФА закажани за март во Рабат, Чеферин смета дека актуелниот претседател ги губи конците.

„Тој ја нема поддршката не само од оние кои гласаат, туку и од фудбалската заедница, навивачите, играчите и тренерите. Има две опции – или ќе сфати дека нема поддршка, или ќе оди на избори каде сигурно ќе има противкандидат“, истакна првиот човек на УЕФА.

На прашањето дали тој ќе биде тој противкандидат, Чеферин одговори негативно, нагласувајќи дека ја сака својата работа во УЕФА, сака да ужива во животот и дека неговиот кредибилитет како критичар е многу поголем доколку лично не претендира на функцијата.

Политички притисоци и заборавени корени

Словенецот го критикуваше и обидот на Инфантино да ја претстави Европа како „арогантна“ во однос на остатокот од светот, потсетувајќи го дека тој е Европеец и дека токму УЕФА му ја даде најголемата поддршка во 2016 година за да дојде на чело на ФИФА, нешто што Инфантино очигледно го заборавил.

За крај, Чеферин не пропушти да го искоментира и шокантното суспендирање на казната на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун за време на Светското првенство, откако Инфантино попуштил под притисок од Доналд Трамп. „Ако не ги почитувате сопствените правила, тогаш играта нема никаква смисла. Тоа беше повеќе од шокантно“, заклучи Чеферин.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено