Новак Ѓоковиќ го доживеа својот прв пораз во воведното коло на еден Грен слем турнир уште од далечната 2006 година (прекинувајќи неверојатна низа од 77 победи), откако по исцрпувачки маратон загуби од Аргентинецот Маријано Навоне. Во натпревар кој траеше четири часа и 36 минути, Навоне славеше со 7-6(5), 5-7, 4-6, 6-2, 6-1, користејќи го целосниот физички колапс на српскиот тенисер.
Пеколна влажност и физички колапс
Уште од самиот старт стана јасно дека ова нема да биде рутинска вечер на стадионот „Артур Еш“. 39-годишниот Ѓоковиќ започна добро и поведе со 3-0, но потоа на сцена стапија сериозните здравствени проблеми. Влажноста на воздухот го зеде својот данок, а Новак се мачеше со мачнини, повраќање, грчеви и силни болки во грбот и рамото.
„Имав ужасно чувство на теренот. Ова е нешто што го влечам цела година, повраќање, тешкотии… а потоа целото тело почнува да колабира со грчеви и болки. Грбот и рамото едноставно откажаа, а јас се мачев уште од четвртиот гем во мечот“, искрено призна Ѓоковиќ по болниот пораз, иако џентлменски му честиташе на 25-годишниот Аргентинец за најголемата победа во кариерата.
Емотивен крај со солзи во очите
И покрај тоа што успеа да ги освои вториот и третиот сет, покажувајќи ја својата препознатлива шампионска упорност, телото едноставно не издржа во четвртиот и петтиот сет. Како што одминуваше мечот, стана јасно дека крајот е неизбежен. Ѓоковиќ не можеше да ги скрие емоциите и пушти солзи, но и покрај огромната болка, тој им се заблагодари на фановите во Њујорк испраќајќи им срце со рацете пред да го напушти теренот.
Да не брзаме со сензационалните наслови, Новак сè уште е број 5!
Денеска светските, а и нашите медиуми се преплавени со текстови за „крај на една ера“, најави за неизбежна пензија и драматични анализи за залезот на најголемиот тенисер на сите времиња. Но, пред сите тие аналитичари дефинитивно да го испратат Новак во пензија преку нивните наслови, треба да оставиме еден клучен факт да потоне во нашите мисли: Ѓоковиќ во моментов е на 5. место на АТП листата!
На 39 години, тој е број 5 во светот. Не во конкуренција на пет играчи, туку во море од далеку помлади, физички супериорни и „гладни“ тенисери кои се во цутот на младоста (да не заборавиме дека пред само седум недели играше полуфинале на Вимблдон). Да, физичките проблеми се тука и телото испраќа сигнали, но да се прогласува крај и предвремена пензија за актуелниот петти рекет во светот е прерано и потценувачки кон сето она што тој сè уште го претставува на теренот. Па така, ние би рекле – до следниот голем турнир.



