Минатата година го заокруживме нашиот огромен серијал за историјата на сите 20 клубови во Премиер лигата. Но, фудбалот е немилосрден и постојано се менува, па на крајот од минатата сезона се поздравивме со три екипи кои го напуштија елитното друштво (Вест Хем, Вулвс и Барнли), но затоа оваа година со задоволство пречекуваме три нови (или добро познати стари) имиња.
Со тоа, нашиот серијал добива свое логично продолжение. Одиме по ред, а први на листата од повратниците во Премиер лигата се популарните „небесно-сини“ – Ковентри Сити.

Почетоците: Велосипеди, Сингер и Хајфилд Роуд
Приказната за Ковентри, како и кај многу други англиски клубови, започнува во фабрика. Во 1883 година, работниците од фабриката за велосипеди „Singer’s Bicycle Works“ решиле да формираат фудбалски тим. Своите први натпревари ги играле на импровизираниот терен Дауелс Филд, пред да се преселат на Сток Роуд во 1887 година, каде останале 12 години.
Клубот го добива своето денешно име, Ковентри Сити, во 1898 година. Веќе следната сезона (1899-1900), тимот се сели на култниот стадион „Хајфилд Роуд“, кој тогаш имал трибина со 2.000 места обоена во чоколадна и светлосина боја. Овој стадион подоцна ќе влезе во историјата на англискиот фудбал – во 1981 година, „Хајфилд Роуд“ стана првиот стадион во Англија кој бил целосно покриен со седишта (all-seater).
„Вистинско Ковентри синило“ и лутање со боите
Иако денес се синоним за небесно-сината боја, Ковентри првично играл во црвено-црни дресови, што биле корпоративните бои на компанијата „Сингер“.
Многумина мислат дека небесно-сината боја е модерен изум на клубот, но вистината е дека таа првпат била претставена уште во 1889 година. Градот Ковентри во минатото бил голем производител на обоени материјали, особено на специфичната сина боја, па оттука произлегла и старата англиска изрека „As true as Coventry Blue“ (Вистинско како Ковентри синилото).
Низ историјата имало и чудни експерименти. Во 20-тите години од минатиот век, клубот кратко носел црвено-зелени дресови (боите на градот), но откако во таа опрема испаднале во Третата дивизија, брзо се вратиле на сино-белите комбинации.
Маркетинг револуцијата на Џими Хил
Идентитетот на Ковентри се менувал неколку пати. Поради црно-црвените дресови и ниските играчи, на почетокот ги викале „Малите косови“ (The Little Blackbirds). Еден од најчудните рани прекари им бил „Peeping Toms“ (Транталовци), инспириран од легендата за Лејди Годива која јавала гола низ градот, а единствениот што го прекршил полицискиот час за да ја ѕирне бил извесен Том.
Подоцна станале познати како „The Bantams“ (Бентамски петли). Овој прекар им го дал локален новинар забележувајќи дека тие се еден од ретките клубови без вистински прекар, а бидејќи овие петли биле познати како големи борци, името останало.
Сè до летото 1962 година. Тогаш на сцена стапува легендарниот менаџер Џими Хил, кој прави вистинска маркетинг револуција. Тој ги прекрстува во „The Sky Blues“ (Небесно-сини), воведува комплетно небесно-сина опрема и го трансформира клубот во модерен бренд – нешто што за тоа време било апсолутно иновативно.

Најлудиот дрес во историјата и спонзорската војна
Во 70-тите години, Ковентри се обиделе да направат нешто невидено. Сакале да го променат името на клубот во „Ковентри Талбот“ поради спонзорски договор со автомобилската компанија Talbot. Откако Фудбалската лига категорично го блокирала овој обид, клубот одговорил иновативно – дизајнирале дрес на кој огромното лого на компанијата во форма на буквата „Т“ се протегало преку целата предна страна. Интересен факт: Talbot биле дел од групацијата Rootes, во која спаѓала и Singer Motors – компанијата од која клубот всушност и потекнува!
Слон, замок и Свети Ѓорѓи: Приказната зад грбот
Ако некогаш сте се запрашале зошто на грбот на Ковентри има слон кој носи замок на грбот, приказната е фасцинантна.
Тоа е традиционален симбол поврзан со Свети Ѓорѓи, за кој се верувало дека живеел во областа околу Ковентри. Според легендите, смртен непријател на слонот бил змејот (бидејќи омилен оброк на змејовите им биле бебиња-слонови). Бидејќи Свети Ѓорѓи го убил змејот, тој автоматски станал херој на слоновите.

Кога Ковентри добил статус на град од Круната, слонот станал негов официјален симбол, а замокот на неговиот грб означувал дека градот добил кралска дозвола за градење. Кога Сингерс ФК го промениле името во Ковентри Сити, тие едноставно го презеле овој славен градски симбол. Во поново време, слонот на грбот циркуски балансира врз фудбалска топка – можеби како симболика за балансирањето на клубот низ лигите низ годините, сè до нивното најново враќање таму каде што припаѓаат.



