Дебитантскиот настап во Лигата на шампионите е историски момент за секој клуб, а раководството на италијанскиот хит Комо се погрижи овој настан да биде одбележан со еден од најубавите гестови кои сме ги виделе во модерниот фудбал.
Во пресрет на нивниот прв натпревар од елитното натпреварување против РБ Лајпциг в четврток, челниците на клубот решија да се откажат од своите ВИП билети за да им овозможат на најстарите и најверните навивачи да присуствуваат на историскиот спектакл.
Претседателот ја започна акцијата
Стадионот „Џузепе Синигалија“, сместен на самите брегови на езерото Комо, има капацитет од само 14.000 гледачи и никогаш досега не бил домаќин на натпревар од ваква магнитуда. Поради огромниот интерес, многумина од долгогодишните поддржувачи на клубот останаа без билет за најголемиот меч во клупската историја.
Кога дознал за ова, претседателот на Комо, Мирван Суварсо, веднаш се откажал од своите четири загарантирани билети. Неговиот потег експресно го следеа и останатите членови на извршниот одбор, ослободувајќи над 40 драгоцени влезници за ветераните од трибините.
„Ил Барба“ и 90-годишниот Марио ќе ја бодрат екипата
Еден од среќниците е Херардо Мандреси, навивач во своите доцни 70-ти години. Познат на трибините како „Ил Барба“ (Брадата), тој поседува неверојатна колекција на клупски сувенири, вклучувајќи ги и чорапите на поранешниот играч Марио Николети. Поради годините, тој сè поретко доаѓа на стадион, но клубот се погрижи тој да биде присутен на дебито во ЛШ.
Мандреси дури и не е најстариот навивач кој доби покана. Клубот организираше специјален превоз за 90-годишниот Марио Поцети и 81-годишниот Енрико Коломбо кои живеат надвор од градот. На трибините ќе бидат и 78-годишниот Бруно Мандаљо, кој сè уште доаѓа на стадион со својот велосипед, како и 71-годишниот Џани Канова кој живее во близина на стадионот.
Силна врска со локалната заедница
Ова не е првпат Комо да покаже почит кон својата заедница. Клубот редовно чести пијалаци во локалните барови кога тимот постигнува голови, а на самиот стадион се служи исклучиво локалното пиво „Ла Комаска“.
Избраниците на Цеск Фабрегас играат во одлична форма и на теренот. Тие се непоразени на стартот од Серија А, бележејќи голема победа во Неапол (2-1) и убедлив триумф над Џенова (4-1). Натпреварот против Лајпциг ќе биде нивниот прв домашен меч сезонава, бидејќи досега се вршеа последните подготовки на стадионот за да ги исполни строгите стандарди на УЕФА.



