Ние во Спортска Станица секогаш стоиме на страната на навивачите. Тие се душата на секој клуб и често се водиме по онаа непишана максима дека „навивачите се во право и тогаш кога грешат“. Сепак, постојат граници на човечка почит кои едноставно не смеат да бидат поминати. Овој викенд, дел од ултрасите на Јувентус ја преминаа таа линија, приредувајќи ја вистинската брука на викендот.

Пред почетокот на натпреварот од Серија А помеѓу Јувентус и Аталанта на „Алијанц Стадионот“ во Торино, беше одржана минута молчење во чест на легендата на Интер и италијанскиот фудбал, Сандро Мацола, кој почина во саботата на 83-годишна возраст.
Наместо почит кон великанот, мал дел од навивачите сместени во озлогласената „Курва Суд“ (Curva Sud) одлучија да го свртат грбот кон теренот. За време на молкот, тие почнаа да пеат песни посветени на починатите легендите на Јувентус како Гаетано Ширеја, Андреа Фортунато и Џани Ањели.
За среќа, остатокот од стадионот веднаш реагираше со громогласен аплауз за да ги задуши срамните извици на ултрасите, покажувајќи дека станува збор само за изолирана група, а не за став на целата навивачка база на „Старата Дама“.
Раководството на Јувентус експресно се огради од овој потег и издаде официјално соопштение: „Ниту едно ривалство не може да оправда недостаток на почит за време на минута молчење. Одавањето почит на оние кои се споменуваат е заедничка одговорност која ги надминува припадностите и клупските бои.“
Пикантерија → Зошто ултрасите на Јувентус толку го мразат Мацола?
Освен очигледниот факт дека Сандро Мацола е икона на лутиот ривал Интер (со 161 гол на 567 настапи), омразата на радикалните фанови на Јувентус има многу подлабоки, лични корени поврзани со градот Торино.
За оние кои не знаат, Сандро е син на Валентино Мацола, капитенот на легендарниот тим на градскиот ривал Торино (Гранде Торино) кој загина во трагичната авионска несреќа на Суперга. Како што откри самиот Сандро пред неколку години, тој во еден момент од кариерата добил официјална понуда да прејде во Јувентус. Неговиот одговор стана дел од фудбалскиот фолклор: „И кажав на мајка ми за понудата. Таа ми рече: ‘Татко ти ќе се преврти во гробот. Утре ќе им се јавиш и ќе им кажеш не, благодарам.’ Не можев да не ја послушам.“
Дополнителен детал е и неговиот отворен конфликт со поранешниот претседател на Јувентус, Андреа Ањели. Кога пред неколку години дел од навивачите на Јувентус за време на градското дерби истакнаа транспаренти кои ја исмеваа трагедијата на Суперга, Мацола јавно го критикуваше Ањели барајќи од него да размисли добро пред да дава изјави со кои ги штити радикалните навивачи.
Иако овој инцидент го предизвика само една мала група навивачи, тој остава горчлив вкус. Ривалството е тоа што го прави фудбалот магичен, но почитта кон смртта е тоа што нè прави луѓе.



