Македонскиот боксер Ален Рустемовски донесе огромна радост за македонскиот спорт, освојувајќи бронзен медал на Европското сениорско првенство во Софија. Со овој успех, тој го прекина 20-годишниот пост без европско одличје во боксот за нашата држава.
Откако забележа три спектакуларни победи, вклучувајќи и триумфи над двајцата главни фаворити (меѓу кои и Англичанецот Вилијам Хјуит и Ерменецот Базејан), Рустемовски во полуфиналето беше сопрен од Украинецот Аидер Абдураимов по судиска одлука (4-1).
Иако бојата на медалот е бронзена, за Рустемовски, таа сјае како злато. По враќањето дома, младиот боксер ја отвори душата преку емотивен статус на социјалните мрежи, откривајќи го трнливиот пат што го поминал за да стигне до европскиот подиум.
„Целиот мој живот се борев за овој момент. Ова беше еден од моите најголеми соништа. Зад овој медал стојат многу години на труд, жртви и пречки. Голем дел од мојата кариера го поминав сам. Тренирав двапати дневно, одев на кампови и подготовки без тренер, ми се случувало и на турнири и натпревари да одам сам. И покрај ограничената финансиска поддршка, никогаш не се откажав“, напиша Рустемовски.
North Macedonia’s Alen Rustemovski guarantees a senior European boxing medal for his nation with historic quarter final win.
— World Boxing (@RealWorldBoxing) September 24, 2026
Read more ▶️ https://t.co/WLegjQ22L9#TimeForWorldBoxing #Boxing pic.twitter.com/d8hPzxPhSU
Боксерот истакна дека ова е само почеток на неговата мисија, а крајната цел останува непроменета – учество и медал на Олимписките игри.
„Горд сум што по 20 години донесов европски медал во бокс за Македонија. Овој медал не е само мој. Тој е на сите кои веруваа во мене и ме поддржуваа. Знам дека допрва ме чекаат уште поголеми работи. Мојот сон останува ист – Олимпијада и еден ден да освојам сè што може да се освои!“, заклучи македонскиот херој.
Поддршката во коментарите под неговата објава е масовна. Обожавателите, колегите спортисти и пријателите едногласно порачуваат: „Ти си нашиот златен дечко, најдоброто допрва доаѓа!“.






