Рафиња и интернационална пауза – рецепт за главоболки во Барса

 

Објавено:

Кога навивачите и управата на Барселона ќе ги слушнат зборовите „репрезентативна пауза“ и „Рафиња“ во иста реченица, веројатно веднаш посегнуваат по аспирин. „ФИФА вирусот“ повторно безмилосно удри на „Камп Ноу“, и тоа врз играчот кој во моментов е алфа и омега во машинеријата на Ханси Флик.

Бразилецот ја игра сезоната на животот. Откако Флик го прекомандува во срцето на нападот, Рафиња едноставно тероризира низ Шпанија и Европа со луди 14 голови и три асистенции на само осум меча. Но, формата очигледно не го прави имун на старото проклетство наречено национален тим.

Трагикомична низа: Три повика, три повреди

Ова веќе престанува да биде случајност. На Рафиња ова му е неверојатна трета повреда по ред кога заминува на собир со Бразил. Наместо да одмори, тој мораше да патува на другиот крај на светот во Бризбејн за пријателски меч против Австралија. Постигна гол од пенал, но не го дочека второто полувреме на теренот.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Бразилската федерација експресно објави дека се работи за едем на мускулот на десната нога. За среќа на Каталонците, ова значи дека тој е ослободен од претстојната „екскурзија“ во Индија и веќе го пакува куферот за враќање во Барселона.

Ова веднаш ги буди духовите од минатата сезона. Се сеќавате ли на март? На тотално небитен пријателски натпревар против Франција, Рафиња скина мускул и Барса остана без него за клучниот двомеч со Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите. Управата тогаш со право беснееше, сметајќи дека играч со негово искуство мора да знае да го слуша сопственото тело и да се поштеди на пријателски средби. Надежта сега е дека Бразилецот конечно ја научил лекцијата и навреме побарал измена пред мускулот целосно да пукне.

Фитнес револуцијата на Флик дава надеж

Ако нешто ги смирува страстите во Барселона деновиве, тоа е фактот што клубот физички изгледа потполно поинаку од лани. Ханси Флик направи вистинска чистка во кондицискиот тим. Си замина Хулио Тоус (чие време го одбележаа конфликти и полна болница), а на негово место дојде Бенџамин Кугел – експертот со кој Флик ја покори планетата во 2014 година со Германија.

Резултатот од воведувањето на секојдневните тренинзи со тегови е евидентен. Лани во ова време Барса имаше четворица повредени играчи (вклучително и Рафиња), а сега единствената мускулна жртва е Андреас Кристенсен.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Првичните неофицијални информации се дека повредата на Рафиња не е сериозна. Тоа ќе биде вистинска музика за ушите на Флик, кој толку многу му верува на Бразилецот што дури и му ја даде капитенската лента. И добро е што е така, бидејќи по мечот со Хетафе (10 октомври), за Барселона следува вистински пекол – гостување кај ПСЖ (20 октомври) и „Ел Класико“ против Реал Мадрид (25 октомври). Барса едноставно не смее да си дозволи да го игра тој танц без својот главен диригент.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено