Најдолгата репрезентативна пауза во фудбалската историја остави вистински пустош зад себе. Со проширувањето на репрезентативниот прозорец на 16 дена и одигрувањето на дури четири натпревари, екстремно згуснатиот распоред го зеде својот данок, оставајќи ги најголемите европски клубови во очај пред продолжението на првенствата.
Вкупно 60 фудбалери од најдобрите пет европски лиги се вратија во своите клубови со најразлични повреди. Оваа фрапантна бројка е алармантен сигнал за преоптовареноста на играчите, при што најдебелиот крај го извлече англиската Премиер лига со дури 16 повредени играчи.
Премиер лигата најпогодена, страв во Арсенал и Ливерпул
Клубовите од Островот бројат најмногу жртви по овој циклус. Арсенал стравува за состојбата на Каи Хаверц, кој заработи повреда на мускулот настапувајќи за Германија, како и за Кристос Цолис и Езри Конса кои исто така се соочуваат со повреди. Од друга страна, Ливерпул ги чека медицинските извештаи за Коди Гакпо, кој заработи повреда на скочниот зглоб, и Александар Исак кој има проблем со бутниот мускул.
Проблеми има и во таборот на шампионот Манчестер Сити, откако нивниот главен напаѓач Ерлинг Халанд побара да биде заменет поради болки во задната ложа на мечот на Норвешка против Португалија. На листата повредени се приклучија и Бруно Фернандес и Патрик Доргу од Манчестер Јунајтед, како и холандското дефанзивно дуо од Тотенхем, Мики ван де Вен и Јан Пол ван Хеке.
Мбапе, Мусијала и Рафиња на листата повредени
Шпанската Ла Лига брои 13 повредени играчи, меѓу кои најзвучно е името на Килијан Мбапе од Реал Мадрид, кој заработи повреда на лигаментите на коленото и ќе мора да паузира. Проблеми има и Барселона, чиј капитен Рафиња се врати од собирот на Бразил со едем на бутниот мускул.
Италијанската Серија А е втората најпогодена лига со 14 повреди (вклучувајќи ги Николо Заниоло и Алберт Гудмундсон), додека во француската Лига 1 настрадаа деветмина фудбалери. Германската Бундеслига помина најлесно со осум повреди, но меѓу нив е и суперѕвездата на Баерн Минхен, Џамал Мусијала, кој скина мускулно влакно за време на загревањето пред мечот на Германија.






