Скопје ќе биде центарот на регионалниот спортски дијалог оваа есен, како домаќин на Првиот Регионален Спортски Самит, кој ќе се одржи на 10 септември 2025 година во хотелот DoubleTree by Hilton. Овој стратешки значаен настан, прв од ваков вид во нашата земја, ќе се одржи под мотото “Спортот како национален идентитет и визија за иднината”.
Самитот има за цел да иницира суштински разговори и конкретни иницијативи за развојот на спортот во Македонија и регионот. На агендата ќе се најдат клучни теми како што се иднината на спортот, потребата од долгорочна национална стратегија, можностите за инвестиции, модернизација на инфраструктурата и дигитална трансформација.
“Скопје со гордост го отвора новото поглавје во регионалната спортска соработка. Овој самит не е само настан – тоа е платформа за дијалог, стратегии и визии кои ќе го обликуваат спортот на Балканот. Ова е уникатна можност да ги поврземе спортските лидери, институциите, федерациите и младите генерации во заедничка мисија – да го препознаеме спортот како сила што обединува, инспирира и гради посилни општества”, изјавија од организаторите.
Настанот ќе обедини претставници од сите релевантни сектори: спортски федерации и клубови, професионални и аматерски спортисти, тренери, претставници на државните институции, приватниот сектор, медиумите и академската заедница. Низ панел-дискусии и презентации, ќе се отвори простор за идеи и иницијативи со цел да се создаде трајна платформа за поврзување на спортските работници со инвеститорите и креаторите на политики.
Организаторите ги покануваат сите заинтересирани страни да станат дел од оваа иницијатива што има потенцијал да ја трансформира спортската реалност во нашата земја.
Редакцијата на Спортска Станица со задоволство најавува дека ќе земе активно учество на овој настан, со цел одблиску да ги следи сите дискусии и да придонесе кон создавањето на подобра спортска иднина во Македонија и регионот.