Едвај стивна еуфоријата од драматичниот пресврт против Виљареал на „Камп Ноу“, а пред фудбалерите на Барселона веќе стои еден од логистички најисцрпувачките предизвици во клупската историја. Во петтото коло од Лигата на шампионите в среда (18:45 часот), избраниците на Ханси Флик гостуваат кај Сабах во Азербејџан, патување кое ќе постави нов рекорд за каталонскиот гигант, но и меч на кој тренерот реши да не ризикува со својот најголем бисер.
Клубот утринава потврди дека Ламин Јамал нема да се качи во авионот за Баку и ќе остане во Барселона за да се одмори и санира ситна нелагодност.
Претпазливост за зглобот на Јамал пред дуелот со Депортиво
Според официјалното соопштение од медицинскиот тим на Барселона, младиот шпански репрезентативец чувствува благ проблем во десниот скочен зглоб. Иако не станува збор за сериозна повреда, стручниот штаб проценил дека долгиот лет и настапот во Азербејџан носат непотребен ризик од влошување на состојбата.
Одлуката е донесена исклучиво од претпазливост, а добрата вест за навивачите е што од клубот веќе потврдија дека Јамал ќе биде целосно подготвен и на располагање на Флик веќе за неделниот првенствен натпревар во Ла Лига против Депортиво Ла Коруња.
Рекордни 3.970 километри до Баку ја препишуваат клупската историја
За остатокот од тимот, пак, следува историски долга рута. Пресметката со Сабах во Баку е оддалечена дури 3.970 километри од Барселона, што ова гостување го прави најдалечното што клубот некогаш го имал во европските натпреварувања.

Со летот кон Каспиското Море паѓа досегашниот рекорд стар повеќе од една деценија, а листата на најдолги европски патувања на Каталонците добива нов изглед:
- Казан, Русија (3.725 километри): Досегашниот рекордер во историјата на клубот. Во ерата на Пеп Гвардиола, Барселона во две последователни сезони (2009 и 2010 година) патуваше на гостување кај Рубин Казан во групната фаза од Лигата на шампионите, а и двата натпревари завршија без победник.
- Бер Шева, Израел (3.114 километри): Третото најдолго европско гостување се случи на 12 септември 1995 година во првиот натпревар од воведното коло на Купот на УЕФА. За разлика од тврдите дуели во Русија, тој далечен пат остана во убаво сеќавање со убедливата победа од 7-0 против Хапоел Бер Шева.
- Москва, Русија (3.016 километри): Руската престолнина со години важи за добро позната дестинација за Барселона. Низ историјата клубот таму играл против сите четири големи московски екипи, по хронолошки редослед Динамо, ЦСКА, Спартак и Локомотив, а последната ваква посета беше против Спартак Москва во 2012 година.






