Навивачите на Арсенал можат конечно да здивнат по вознемирувачките сцени од саботното гостување кај Њукасл. Иако првичните слики на „Сент Џејмс Парк“ најавуваа долга пауза за првиот голман Давид Раја, менаџерот Микел Артета на вчерашната прес-конференција потврди дека Шпанецот ќе избегне хируршки зафат и дека повредата не е толку сериозна колку што првично се стравуваше.
Во 70. минута од дуелот со Њукасл, 31-годишниот чувар на мрежата имаше незгоден судир со напаѓачот Вил Осула, по што видливо емотивен и во големи болки го напушти теренот држејќи се за раката со помош на лекарскиот тим. Токму неговата реакција предизвика паника во таборот на англискиот првак, но првите медицински тестови донесоа многу поведри вести.
Артета ги отфрли најцрните сценарија пред денешните прегледи
Раја сигурно ќе го пропушти вечерашниот дуел од Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, а во текот на денешниот ден ќе мине низ дополнителни испитувања за да се утврди точното времетраење на неговото отсуство. Сепак, најважната вест за лондонскиот клуб е што нема потреба од операција.
„За жал, нема да биде подготвен за натпреварот против Дортмунд, но повредата не изгледа премногу сериозно. Потребни ни се уште неколку тестови, но првичните резултати се навистина охрабрувачки. Со оглед на болката што ја покажуваше веднаш по дуелот, сите бевме сериозно загрижени и очекувавме нешто многу полошо. Едвај можеше да ја издржи болката во тој момент. Најважно е што нема потреба од операција, тоа беше нашиот главен страв бидејќи такво сценарио ќе го оддалечеше од терените со месеци“, изјави Артета.

Кепа го презема голот пред големото дерби со Манчестер Сити
Додека се чека зелено светло за враќањето на Раја, меѓу стативите шанса добива Кепа Аризабалага. Тој влезе во игра како замена против Њукасл, што беше само негов втор премиерлигашки настап откако пристигна од Челзи во летото 2025 година. Претходно во првенството за Арсенал бранеше единствено против Кристал Палас во последното коло од минатата сезона, кога шампионската титула веќе беше обезбедена. Како дополнителна опција на клупата Артета го има и 26-годишниот Илан Мелије, кој летово пристигна како слободен играч од Лидс Јунајтед и досега запиша еден настап во поразот од Флитвуд Таун во Лига-купот.
Колку Раја е клучен за Арсенал најдобро зборуваат неговите бројки. Откако беше еден од столбовите на шампионската титула во сезоната 2025/26 и три години по ред ја освои наградата „Златна ракавица“, шпанскиот репрезентативец оваа сезона на 16 натпревари во сите натпреварувања дури десетпати ја зачува својата мрежа недопрена, одржувајќи го Арсенал како тимот со најдобра одбрана во Премиер лигата. Дополнително, според информациите на „Атлетик“, тој неодамна постигнал и начелен договор со клубот за потпишување нов долгорочен договор.
Добрите вести од лекарскиот тим доаѓаат во пресуден период од сезоната. По вечерашната европска пресметка со Борусија Дортмунд, Арсенал в недела го очекува големото премиерлигашко дерби против Манчестер Сити, во кое лидерот влегува со предност од шест бода на врвот на табелата.






