Од работ на елиминација до врвот на групата, еве како Пелистер може дури и како прв да оди понатаму

 

Објавено:

Само две домашни вечери во „Боро Чурлевски“ беа доволни за европската приказна на Еурофарм Пелистер да доживее целосен пресврт. Откако македонскиот вицешампион ги врза големите победи над германскиот Гумерсбах (29-28) и до синоќа непоразениот Вибжеже Гдањск (34-27), математиката во групата Г на Европската лига на ЕХФ стана неочекувано поволна за битолчани, кои пред последното коло не само што сами одлучуваат за својата судбина, туку имаат и реална шанса да завршат на самото чело на табелата.

Пред завршната рунда закажана за 1 декември од 18:45 часот, Гумерсбах и Вибжеже Гдањск го делат врвот со по шест бода, Еурофарм Пелистер има пет, додека шпанска Ла Риоха е последна со три бода и веќе нема никакви шанси за нокаут-фазата. Во последното коло битолчани гостуваат токму во Шпанија, а во директен судир во Полска ќе се пресметаат Гдањск и Гумерсбах.

Сценариото од соништата, реми во Полска ги носи битолчани на првото место

Највозбудливата варијанта за македонските ракометни фанови предвидува Еурофарм Пелистер да ја прескокне целата конкуренција и да го освои првото место во групата Г. За да се случи тоа, потребни се два резултата, победа на битолчани на гостувањето кај Ла Риоха и нерешен исход на пресметката меѓу Вибжеже Гдањск и Гумерсбах.

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Во таков случај, трите водечки екипи би завршиле израмнети со по седум освоени бода, па конечниот поредок би се кроел преку мини-табела составена исклучиво од нивните меѓусебни дуели. Токму тука до полн израз доаѓа златниот бод што Пелистер го освои во првиот дел на гости во Полска (31-31), со што мини-табелата би изгледала вака:

  • Еурофарм Пелистер (5 бода): три бода од двомечот со Гдањск (реми на гости и победа дома) и два бода од пресметките со Гумерсбах (победа дома и пораз на гости).
  • Вибжеже Гдањск (4 бода): три бода од дуелите со Гумерсбах (победа и реми) и еден бод од мечевите со Пелистер.
  • Гумерсбах (3 бода): два бода од двомечот со Пелистер и еден бод од дуелите со Гдањск.

Со ваков расплет, Еурофарм Пелистер би завршил прв во групата, полскиот состав би патувал понатаму како второпласиран, додека фаворизираниот бундеслигаш Гумерсбах би останал со празни раце и би испаднал од натпреварувањето.

Победа во Шпанија гарантира плејоф, а во игра е дури и реми

Доколку мечот во Полска не заврши нерешено и една од двете екипи стигне до победата, сметката за Пелистер повторно е чиста. Секој триумф на битолчани против Ла Риоха им носи седум бода и сигурно второ место зад победникот од полско-германскиот дуел (кој би имал осум), додека поразениот од тој натпревар би останал на шест бода и би ја завршил европската сезона.

Интересно е што за тимот на Лино Червар постои дури и резервна опција за пласман понатаму без победа во Шпанија. Доколку Пелистер одигра нерешено со Ла Риоха и стигне до шест бода, ќе му треба гостинска победа на Гумерсбах кај Гдањск. Во такво сценарио Германците би биле први со осум бода, а Пелистер и Гдањск би се израмниле на шест бода, каде битолчани повторно излегуваат како победници благодарение на подобриот меѓусебен скор (31-31 во Полска и 34-27 во Битола).

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам

Сепак, со оглед на тоа што Ла Риоха веќе е елиминирана, а Пелистер се наоѓа во голем подем по двете блескави европски вечери, битолчани патуваат во Шпанија со јасна цел сами да ја завршат работата на паркетот и да го заверат билетот за европска пролет без да чекаат услуги од другите терени.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 
Nokian Tyres – Цела зима во ваш ритам
 

Тазе објавено