9.8 C
Skopje

Ливерпул ја одби понудата од Баерн за Луис Дијаз – Колумбиецот решен да си замине

Објавено:

Луис Дијаз го стави своето име во центарот на летниот трансфер пазар откако Баерн Минхен испрати официјална понуда вредна 67,5 милиони евра за колумбискиот офанзивец – понуда што веднаш беше одбиена од редовите на Ливерпул.

Според реномираниот спортски магазин “The Athletic”, 28-годишниот Дијаз веќе му соопштил на клубот дека сака да ја напушти Енфилд, но англискиот шампион е решен да не го пушти својот клучен фудбалер, освен ако не пристигне значително повисока понуда. Ливерпул го вреднува Дијаз на над 100 милиони евра, иако таа бројка повеќе се смета за финансиска рамка отколку реална продажна цена.

Колумбиецот одигра одлична сезона под водство на Арне Слот, постигнувајќи 13 голови во Премиер лигата и имајќи значајна улога во освојувањето на титулата. Откако пристигна од Порто во јануари 2022 година за сума која со бонуси може да достигне 50 милиони фунти, Дијаз запиша 148 настапи за “црвените”, со учинок од 41 гол и 23 асистенции во сите натпреварувања.

Извор: https://x.com/FabrizioRomano

И покрај интересот и од Барселона, Ливерпул ја задржува позицијата дека Дијаз не е на продажба. Спортскиот директор Ричард Хјуз и клубот не чувствуваат притисок за продолжување на договорот, ниту потреба да се отворат нови преговори, освен ако не пристигне понуда што значително би надминала првичната инвестиција – нешто блиску до 80 милиони фунти би било потешко да се игнорира.

Во меѓувреме, Дијаз останува посветен на својот трансфер во Баерн и ја истакнал својата желба јасно пред клубот. Ливерпул, кој веќе бара нов “деветка”, не сака да се најде во ситуација да мора да бара и замена за своето лево крило, особено по титулата и стабилизирањето на тимот под новиот менаџер.

Сагата околу Луис Дијаз ветува да биде една од главните трансфер теми летово – со многу очи вперени кон тоа дали Ливерпул ќе попушти или ќе го задржи еден од своите најважни играчи.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено