Македонскиот бокс има светла иднина. Младиот и талентиран боксер, Арабел Рустемовски, го освои бронзениот медал на Европското јуниорско првенство во Нови Пазар, Србија, со што го постигна еден од најголемите успеси во поновата историја на нашиот бокс.
Рустемовски блескаше на турнирот, каде што извојува две сигурни победи, а за малку не успеа да се пласира во големото финале. Сепак, освојувањето на бронзата е огромен успех за него, за македонскиот бокс и за неговиот клуб.
Семејна традиција на успеси
Овој медал е уште еден доказ за спортскиот талент во семејството Рустемовски. По златниот медал на Ален Рустемовски на Балканското првенство, сега и младиот Арабел продолжува по стапките на успехот, носејќи уште еден голем медал во својот дом.
Влез во клубот на великаните
Со овој подвиг, Арабел Рустемовски го запиша своето име во историјата на македонскиот бокс, придружувајќи им се на малубројните освојувачи на европски медали. Пред него, со медали од европските првенства се закитија имиња како:
- Примислав Димовски (бронза, кадетско ЕП 1995)
- Фатон Салиху (злато, кадетско ЕП 1997)
- Дарко Чатлески и Денис Георгиевски (бронзи, кадетско ЕП 1997)
- Ардијан Аземи (бронза, јуниорско ЕП 2020)
- Петар Арсовски (бронза, младинско ЕП 2022)
- Вели Мумин (две бронзи, сениорско ЕП 2006 и 2008)
Оваа европска бронза нека биде само дополнителен мотив за Рустемовски во иднина да ги достигне олимписките височини и да донесе уште многу радости за Македонија.