Ѕвездата на Гресини МотоГП, Алекс Маркез, не ја крие својата загриженост за претстојната Голема награда на Чешка во Брно. Главен проблем е неговата сè уште незаздравена лева рака и конфигурацијата на патеката, која, според него, може да ги влоши проблемите.
Маркез, кој е втор во шампионатот, неодамна се здоби со фрактура на раката по пад во Холандија, по што мораше да оди на операција. Сепак, минатиот викенд покажа неверојатна издржливост во Германија, каде што заврши на импресивното второ место, зацврстувајќи ја својата позиција во генералниот пласман.
Пред враќањето во Брно, помладиот Маркез призна дека во Германија имал потешкотии, особено при брзите промени на насоката. Со оглед на тоа што Брно е позната по својот флуиден распоред, загриженоста околу издржливоста на раката е сосема оправдана.
“Се опоравив доста добро, но мојата ситуација не се промени за четири дена”, изјави тој. “Го поминав прегледот од докторите во Мадрид и сè беше во ред, на вистинската позиција. Најважно е што коската не се помести.”
Маркез потенцираше дека неговиот пристап останува ист како на Захсенринг: “да изгубиме што е можно помалку поени во однос на Пеко Бањаја и Марк Маркез, да го минимизираме ризикот и да останеме на моторот.”
“Малку сум загрижен бидејќи на Захсенринг страдав при промена на насоката, а овде ги имаме повеќе”, објасни тој. “Патеката е слична на Муџело, со течни делови, но со повеќе точки на сопирање. Кога ќе бидам на моторот, ќе видам како се чувствувам и од тој момент ќе се обидам да одам сесија по сесија и да дадам сè од себе”, заклучи Маркез.
Гостинска статија на Марија Петровска