14.8 C
Skopje

Ливерпул на чекор до Екитике, Франкфурт пред рекорден трансфер

Објавено:

Ливерпул и Ајнтрахт Франкфурт постигнале начелен договор за трансферот на напаѓачот Хуго Екитике, пренесува “The Athletic”. Официјализацијата на договорот е сè уште во тек, но се очекува да биде завршена во наредните денови.

Доколку сите бонуси и додатоци од договорот бидат активирани, Франкфурт би можел да го реализира најскапиот трансфер во својата историја надминувајќи ги 95-те милиони евра што ги доби од ПСЖ за Рандал Коло Муани во 2023 година.

Екитике, 23-годишниот француски напаѓач, минатата сезона блесна со 22 гола и 12 асистенции во Бундеслигата и заслужено се најде во тимот на сезоната. Тој првично пристигна во Франкфурт како позајмен играч од ПСЖ во јануари 2024, а веќе летото го комплетираше трансферот за 17.5 милиони евра. Пред тоа, неговата кариера започна во Ремс, а во летото 2022 година се пресели во Париз.

Иако неколку клубови претходно покажаа интерес за него, меѓу кои и Њукасл (чија понуда од 75 милиони евра беше одбиена), се чини дека “црвените” конечно го пронајдоа напаѓачот што го бараа цело лето.

Во Ливерпул се свесни за потребата од ново офанзивно засилување, особено по трагичната смрт на Диого Жота, што сериозно го потресе клубот. Иако во овој преоден рок веќе беа донесени имиња како Флориан Вирц, Јереми Фримпонг и Милош Керкез, приоритет останува напаѓачката линија.

Ситуацијата дополнително се комплицира со можни заминувања. Клубот е отворен за понуди за Дарвин Нуњез, додека Луис Диаз изразил желба да замине, со интерес од Баерн Минхен и Барселона.

Екитике зад себе има пет настапи за репрезентацијата на Франција до 21 година, но сè уште го чека својот деби настап за сениорскиот тим. Со искуство од Лига 1 и Бундеслигата, како и со форма која постојано се подобрува, тој би можел да биде токму играчот кој ќе донесе нова димензија во нападот на Арне Слот.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено