2.8 C
Skopje

Франкфурт и златната формула: Како од продажба на напаѓачи заработија 345 милиони

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Во модерниот фудбал, многу клубови се плашат да ги продадат своите најдобри играчи. Особено напаѓачите, оние што даваат голови и носат победи. Но Ајнтрахт Франкфурт одамна го имаат прифатено спротивното. Наместо паника, таму владее стратегија. И резултатите се јасни: 345 милиони евра профит само од продажба на напаѓачи во последниве 6 години.

Во време кога ПСЖ, Манчестер Сити и Ливерпул се нарекуваат
“крајни клубови”, дестинации од кои нема погоре, Франкфурт се постави како “премин. Спортскиот директор Маркус Крошe во изјава за “SkySports”, во август 2024 година, отворено изјави: “Ние сме клуб за развој. Ако играчот се развие побрзо од нас и добиеме добра понуда – го пуштаме”.

Профит со план, не со среќа

Продажбата на Уго Екитике во Ливерпул, вредна околу 91 милион евра, само го потврди трендот. Претходно, од бесплатни трансфери Франкфурт ги донесе Рандал Коло Муани и Омар Мармуш, па ги продаде за вкупно 165 милиони евра.

Овој модел не почна со Крошe. Уште во 2019 година ги продадоа Халер и Јовиќ за тројно повисоки суми од купеното. А, Андре Силва, кој дојде како замена, беше продаден по една сезона за 8 пати поголема цена.

Според “Transfermarkt”, Франкфурт е клубот со најголем трансфер-профит во последниве три сезони.

Тајната: Таленти, тренинг и доверба

Франкфурт не откри нова формула, туку ја спроведува беспрекорно. Купуваат млади, флексибилни играчи со потенцијал за препродажба. Дури 21 од последните 26 трансфери биле играчи под 25 години. Доколку некој играч им се вклопува во формулата, тие не се плашат да вложат пари, а некогаш нудат и осумцифрени суми.

Притоа, вложуваат сериозно во развојот преку психолози, нутриционисти и индивидуални тренери. Нивниот план е: ќе те направиме подобар, ќе те продадеме поскапо, сите сме на добивка.

Примерот со Мармуш е најсилен. Според изјавите на извршниот директор Аксел Хелман: “Кога дојде, не беше класичен голгетер. Нашите тренери работеа со него, ментално, физички и технички, и создадоа нов играч.“

Извор: https://x.com/Eintracht

Играта што ги продава играчите

Сè ова не би функционирало без стилот на игра. Под водство на тренерот Дино Топмелер, Франкфурт игра брз, директен фудбал, погоден за играчи како Мармуш, Екитике и сега Јонатан Буркардт, најновото засилување кое доаѓа од Мајнц како веќе трикратен репрезентативец на Германија.

Според “The Athletic”, Франкфурт минатата сезона бил тим со најмногу создадени шанси по контри во Бундеслигата. Само Ливерпул бил подобар во Европа. Токму тоа ги прави напаѓачите од Франкфурт атрактивни за Премиерлигата, која важи за најскапата лига во светот.

Без илузии, со реалност

Некои ќе речат дека овој пристап нема амбиција. Но, Франкфурт не се залажува. Знаат каде припаѓаат во фудбалскиот синџир и го користат тоа максимално. Развиваат, продаваат, заработуваат и продолжуваат. Иако следната сезона играат во Лигата на шампиони, веројатно нема да купат голема ѕвезда, туку следниот млад Мармуш.

Франкфурт е пример дека и без милијарди, може да бидеш успешен – ако имаш јасен план, стабилна структура и многу трпение.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено