Ако некогаш сте се запрашале зошто некои фудбалски терени ви изгледаат помали или потесни од другите, можеби ќе ве изненади дека не станува збор само за оптичка илузија од дизајнот на стадионите, туку навистина има разлика во димензиите.
Дури и за најголемите фудбалски фанови фактот дека не сите терени за фудбал се во исти димензии претставува новина. Но, која е причината за ова?
Ние би рекле дека тоа е микс на традиција, регулативи и дизајнот на стадионите кои водат кон овие варијации. Без разлика дали сте играч, фан или едноставно љубопитен спортски гледач, оваа приказна додава уште еден слој на комплексноста на играта наречена фудбал.
ИСТОРИЈА И ТРАДИЦИЈА
Ако тукушто навлегувате во магијата на овој спорт, ќе дознаете дека традициите и историјата играат клучна улога во уникатноста на играта. Фудбалот еволуирал од неогранизирана активност која се играла во средновековните градчиња до “најважната споредна работа во светот” што е денес.
Во самите почетоци на спортот, не постоеле никакви правила за големината на терените. Едноставно, луѓето играле секаде каде што ќе виделе можност, без разлика дали бил градскиот плоштад или ливада надвор од градот. Историските стадиони на најстарите фудбалски тимови биле изградени во време кога концептот за “еднаков терен” не постоел, па стадионите се граделе за да се вклопат во околината.
Некои од овие сега веќе историски стадиони до ден денес се соочуват со ограничувањата од нивната градба. На пример, стадионите како Стемфорд Бриџ, Сент Џејмс и Ејнфилд се изградени во густо населени урбани места, со што се диктира големината на нивните терени.
Но, овие стадиони низ годините станале еден вид на “свети храмови” за фановите, па нивното преместување е скоро невозможно за прифаќање. Напротив, многу од нив сметаат дека токму овие нестандардни моменти се она што му ја дава на тимот домашната предност.
Водењето на фудбалски тим не е само нивото на физичка подготвеност и тактики, тоа е разбирање на историјата и традицијата на местото кадешто играте. Многу од овие терени се оформени низ годините од страна на играчите и фановите, а разбирањето на оваа длабока врска оддава дополнителна почит за идентитетот на играта. Без разлика дали станува збор за некој “крив агол”, за нерамнина во теренот, помала димензија или скап терен направен со многу технолошки иновации, секоја од овие варијации додава посебен карактер на фудбалот и отвора можност за разговор меѓу фановите и фудбалските експерти.
Функционирањето во рамките на овие историски ограничувања можеби претставува предизвик, особено во денешно време кога популарноста на спортот се зголемува, а потребата за големи стадиони расте, но оние кои треба да претставуваат “чувари на играта”, од тренерите до сопствениците на клубовите, треба да разберат дека овие традиции додаваат вредност на спортот која ги надминува новите апетити за зголемени буџети. Овие стадиони се потсетници дека иако фудбалот напредува од аспект на технологија и нови регулативи, срцето на овој спорт останува втемелен во неговото минато и историја.
РЕГУЛАТИВИ И НАСОКИ
Иако не сите димензии на терените се исти, сепак ФИФА има зададено рамка во склоп на “Правилата на игра”, со кои се ограничуваат димензиите на фудбалските терени.
За интернационални натпревари:
– Должината мора да биде помеѓу 100 и 110 метри
– Ширината мора да биде помеѓу 64 и 75 метри
Кога станува збор за натпреварите кои се играат на национално ниво, правилата се малку пофлексибилни, па рамките во кои треба да спаѓаат димензиите на теренот за домашни натпревари, младински лиги и слично, се следни:
– Должината мора да биде помеѓу 90 и 120 метри
– Ширината мора да биде помеѓу 45 и 90 метри
Овие рамки даваат можност за остварување на круцијална предност на “домашен” терен за локалните клубови.
Дури и строгите организации како ФИФА, сфатиле дека не сите локации можат да ги поддржат строгите регулативи поради географските и архитектонските ограничувања. Со флексибилноста на регулативите, ФИФА овозможува фудбалот да се игра насекаде низ светот, на стадиони од секакви форми и димензии, без компромитирање на интегритетот на спортот.
Европската УЕФА, исто така има слични регулативи и правила, па за големите натпреварувања како Лигата на шампиони и Лигата на Европа се воспоставени правила за квалитетот на теренот и тревата, не само на димензиите.
ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ИГРАТА И ТАКТИКАТА
Димензиите на теренот се многу повеќе од едноставни рамки – тие имаат особено влијание врз тактичкиот пристап и текот на играта. На пример, тимовите кои преферираат поотворен стил ги користат крилата за да ја рашират играта со што отвораат повеќе простор и на тој начин влечат бенефит од пошироките терени. Спротивно на тоа, од потесните терени предност имаат тимовите коишто применуваат брза комбинаторика низ средината на теренот или пак дефанзивните тимови коишто го намалуваат просторот за тимот којшто напаѓа.
Слично на тоа, должината на фудбалските терени си носи и тактичка тежина. На пример, долгиот терен бара од тимот поголема физичка и кондициска спремност од играчите, бидејќи е потребно да покриваат поголема површина од теренот при долги пасови, при контранапади, користејќи ја брзината на фудбалерите од навалниот ред.
Врвните тимови често настојуваат да ги искористат специфичните димензии на својот домашен терен, прилагодувајќи ја димензијата кон својот стил на игра. Токму разбирањето на техничките и практичните аспекти на теренот во клучните моменти им го даваат она “нешто” што ги прави подобри од ривалите.
Покрај димензиите, врз влијанието на играта имаат улога и други фактори како одржувањето на теренот, висината на тревата и слично, но за тоа ќе ви раскажеме во некоја наредна средба.
Познавањето на домашниот терен може и тоа како да донесе предност за тимот, но зачувувањето на духот и традицијата на стадионите и врската која клубот ја има со навивачите е од суштинско значење за опстојувањето на фудбалот низ различните средини во светот.