По неколку недели шпекулации и неуспешни понуди, Баерн Минхен и Ливерпул постигнаа договор. Луис Дијаз се сели во Бундеслигата за сума од 75 милиони евра, пренесува “The Athletic”.
Колумбискиот офанзивец моментално е со тимот на Арне Слот на турнеја во Токио, но добил дозвола од клубот да отпатува и да ги заврши медицинските прегледи и потписот со германскиот гигант во наредните 24 часа.
Претходната понуда на Баерн од 67.5 милиони евра беше одбиена од Ливерпул, но Баварците не се предадоа. Според “The Athletic”, разговорите биле обновени изминативе денови и конечно завршиле со договор за трансфер вреден 75 милиони евра.
Луис Дијаз има договор со Ливерпул до јуни 2027 година, но уште пред неколку недели им дал до знаење на луѓето во клубот дека сака нов предизвик. Тренерот Арне Слот потврди дека Дијаз не настапи на пријателскиот меч против Милан поради преговорите за неговата иднина:
“Да, ситуацијата со Лучо беше поврзана со неговата иднина. Има многу гласини и решивме да не игра за сега”, изјави Слот.

Со заминувањето на Дијаз, Ливерпул влегува во нова фаза. Тие веќе го донесоа Уго Екитике од Ајнтрахт Франкфурт за околу 69 милиони фунти, а клубот веќе работи на договор со Александер Исак од Њукасл.
Во исто време, клубот е подготвен да го продаде и Дарвин Нуњез, додека Харви Елиот размислува за својата иднина поради засилената конкуренција.
Трагичната смрт на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва во сообраќајна несреќа на 3 јули дополнително влијаеше врз одлуките на клубот на трансфер пазарот.
Баерн цело лето бараше засилување во нападот. Откако не успеа да го донесе Флориан Вирц како посакувана цел (се пресели токму во Ливерпул), како и Нико Вилијамс (остана во Билбао), клубот се фокусираше на Дијаз и не погреши.
Според планот, Дијаз треба да пристигне во Минхен во понеделник, каде треба да ги помине медицинските тестови и да му се приклучи на тимот пред почетокот на сезоната.
Инаку, Луис Дијаз во Премиер лигата има одиграно 103 натпревари, на кои има постигнато 29 голови и забележано 12 асистенции.




