Трансфер-пазарот во Премиер лигата влегува во својата најжешка фаза, а во центарот на вниманието е битката за еден од најбараните млади напаѓачи во Европа, Бенјамин Шешко. Според најновите информации на угледниот германски новинар Флоријан Плетенберг од “Sky Sport”, два англиски гиганти, Манчестер Јунајтед и Њукасл Јунајтед, се во директни преговори со менаџерскиот тим на словенечкиот репрезентативец.
Двата клуба веќе ги презентирале своите проекти и финансиски понуди, а сега, одлуката е во рацете на самиот играч и неговиот тим.
Њукасл во офанзива, Јунајтед со свои калкулации
Според Плетенберг, Њукасл е тимот кој притиска најсилно во моментов. По шокантната вест дека нивната најголема ѕвезда, Александер Исак, побарал трансфер, “страчките” се во очајничка потрага по негова замена и во Шешко гледаат идеално решение.
Од друга страна, интересот на Манчестер Јунајтед е малку покомплексен. Иако го сакаат играчот, многумина сметаат дека ова е само “агентска игра” за да се зголеми цената. Навивачите на социјалните мрежи се скептични, истакнувајќи дека клубот има ограничен буџет и веќе има двајца напаѓачи во тимот (Хојлунд и Циркзе).
“Не верувам дека Јунајтед го сака Шешко, ова е чиста агентска приказна”, “Ќе мора да продадеме некого за да го донесеме”, се само дел од коментарите на фановите.
Цената е висока, одлуката е на играчот
РБ Лајпциг нема намера лесно да се откаже од својот „скапоцен камен“. Германскиот клуб бара вкупен пакет од околу 80 милиони евра, сума која е огромен залак и за двата премиерлигаши.
Она што е клучно во целата приказна е фактот што одлуката сега е кај самиот Шешко. Тој треба да избере помеѓу два сосема различни проекти: Њукасл, кој минатата сезона освои трофеј и гради стабилен тим, и Манчестер Јунајтед, кој и покрај лошата сезона, сè уште е еден од најголемите брендови во светот.
Арсенал се откажа, патот е отворен
Интересно е што во трката за Шешко претходно беше и Арсенал, но тие се повлекоа откако не можеа да се договорат со Лајпциг и се насочија кон Виктор Ѓокереш.
Сега, битката е сведена на два клуба, а конечниот одговор го чека целиот фудбалски свет. Дали Шешко ќе биде новиот лидер на нападот на Њукасл, или пак, ќе биде дел од новата ера во Манчестер Јунајтед?