Во декември 2019 година, Реиниер Хесус, тогаш само 17-годишен бисер на Фламенго, седна со своето семејство и агент во хотел во Катар, место каде што бразилскиот гигант настапуваше на Светското клупско првенство. Веста што ја доби таму му ги отвори вратите на сонот: Реал Мадрид сака да го донесе на Сантијаго Бернабеу.
Цената? 30 милиони евра. Планот? Почеток во Кастиља, па потоа трансфер кон славата. Реал го победи Манчестер Сити, Ајакс и Евертон во трката за потписот на тогаш еден од најталентираните бразилски играчи. Се чинеше дека Реиниер ќе биде следниот Винисиус или Родриго. Но пет години подоцна, реалноста е многу поинаква. Денес тој повторно тренира со резервниот тим на Мадрид и уште нема ниту еден настап за првиот тим.
Проектот “бразилски бисери” и падот на Реиниер
Под водство на скаутот Џуни Калафат, Реал создаде стратегија за носење млади бразилски таленти по неуспехот да се донесе Нејмар во 2013 година, а Реиниер беше дел од таа филозофија. Откупната клаузула беше платена, 80% отиде кај Фламенго, а останатото кај семејството и агентот.
Со договор на шест и пол години, Реиниер ја започна својата авантура во Кастиља и брзо се истакна со два гола и една асистенција во првите три меча. Потоа дојде пандемијата. Реиниер тренираше дома, но веќе беше јасно дека тој е премногу добар за резервите, недоволно добар за првиот тим. Зидан го повика на тренинзи, но не и на натпревари.
Лоши позајмици, повреди и заборав
Следуваа позајмици. Прва дестинација му беше Борусија Дортмунд. Две сезони, само 745 минути, ниту една вистинска шанса. Потоа, следуваше златен медал со Бразил на Олимпијадата, но без ефект во клупскиот фудбал. Реал одбиваше да го продаде, а интересот за него полека опаѓаше.
Сезоната 2022/23 ја мина во Џирона со 18 настапи, два гола, една асистенција и нова повреда. Следуваше преселба во Серија А, во Фрозиноне со 3 гола и 2 асистенции во тим што испадна од лигата. Летото 2024 година, тој повторно се врати во Мадрид, но овојпат како играч на Кастиља, за сега да дознае дека нема место во првиот тим и повторно ќе биде дел од резервите.
Се појави Норич како опција, но тој сакаше да остане во Шпанија. Последната позајмица ја мина во Гранада, каде беше претставен како “крал” во маркетиншката кампања на клубот. Но и таму тој постигна само еден гол и имаше четири асистенции. Три тренери, слаб ефект и пропуштени плејоф шанси.
Реиниер Хесус Реал Мадрид
🇧🇷🤩 THIS is what you can look forward to from our latest recruit – @ReinierJesus_19! #WelcomeReinier pic.twitter.com/KT797AutSF
— Real Madrid C.F. 🇬🇧🇺🇸 (@realmadriden) January 20, 2020