14.8 C
Skopje

И официјално: Лука Дончиќ останува во Лејкерс!

Објавено:

Од сензационалната размена во февруари до оваа сабота, шокот околу доаѓањето на Лука Дончиќ во Лос Анџелес Лејкерс сè уште одекнува низ НБА светот. Но веќе нема место за сомнеж: Дончиќ останува во жолто-виолетовиот дрес.

Лејкерс денес објавија дека словенечкиот кошаркар потпишал нов договор во траење од три години, вреден 165 милиони долари, а веста ја потврди и самиот кошаркар. Овој потег го поставува Дончиќ како долгогодишно лице на франшизата, со опција за играчот во 2028 година, кога би можел да добие дури и петгодишен мега-договор над 400 милиони долари.

Дончиќ моментално е во САД на турнеја со “Jordan Brand”, но наскоро се враќа во Словенија за подготовките со националниот тим пред Евробаскетот на крајот на август.

Овој договор следува нешто помалку од два месеци откако Џини Бас ја продаде контролата на Лејкерс на Марк Волтер за 10 милијарди долари, што претставуваше најскапа продажба на спортска франшиза досега.

Лос Анџелес го донесе Дончиќ во размена со Далас, каде беа испратени Ентони Дејвис, Макс Кристи и првиот избор на драфтот во 2029 година. Во 28 натпревари за Лејкерс, Дончиќ постигнуваше во просек 28.2 поени, 8.1 скок и 7.2 асистенции, иако доајде по повредата на листот добиена на Божиќ како играч на Маверикс.

Сам призна дека за првпат навистина си дал време за целосно закрепнување: “Претходно само сакав да се вратам што побрзо на теренот, но не бев 100% здрав. Овојпат си дадов време. И тоа беше правилниот избор”.

Во плејофот, Лејкерс испаднаа од Минесота во првата рунда, а Дончиќ призна дека психички бил истоштен од сè што се случило: “Ментално сум исцрпен. Можеби некои нема да ми веруваат, но навистина е така”.

Во меѓувреме, Дончиќ сериозно работеше на физичката подготовка. Тој е ослабен и во подобра кондиција од било кога.

Дополнително, Лејкерс ја засилија екипата: донесен е Диандре Ејтон како стартен центар, Џејк ЛаРабија за шутерска поддршка, и конечно, Маркус Смарт за дефанзивен интензитет. Интересно, Дончиќ лично учествувал во нивното регрутирање.

“Кога Лука те повикува и ти кажува дека може да ја искористи твојата помош… тоа многу значи”, рече Смарт по потпишувањето.

Со ова продолжување на договорот, станува јасно дека Лејкерс веруваат во Дончиќ, а и тој во нив. Следниот предизвик за Дончиќ ќе биде да ја врати титулата во Лос Анџелес.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено