Шарл Леклер беше видно фрустриран од стратегијата на Ферари за време на денешната трка во Унгарија, на која стартуваше од пол-позицијата, за на крајот да заврши на четвртото место.
За време на трката, можеше да се слушне возачот на Ферари како вика дека вакви одлуки се неприфатливи: “Ова е неверојатно фрустрирачки. Ја изгубивме секоја конкурентност. Мора да ме слушате. Ќе најдев друг начин да ги решиме проблемите. Болидот сега е невозможен за возење. Ќе биде чудо ако завршиме на подиумот”.
На крајот, Ферари не завршија на подиумот, но после првичната нервоза, Леклер за новинарите после трката рече дека имало објаснување за таквата одлука.
“Ги немав сите информации за време на трката. Сега ги имам, сме имале проблем со шасијата уште од 40-от круг. Од тој момент натака јас бев само патник и не можев да сторам ништо”, рече Леклер.
“Мислев дека проблемот е одлуката која што ја направија, но тоа не било случајот. Фрустрацијата и разочарувањето остануваат, затоа што ако имавме шанса да победиме годинава, тоа беше денес. Многу сум разочаран, но се извинив на мојот тим”, додаде Шарл.




