Новото засилување на ракометниот клуб Алкалоид, Михаил Аларов, во интервју за веб страната на клубот, раскажа за како се вклопил во новата средина, но и за тоа што очекува од сезоната.
“Работиме доста напорно, имаме доволно време да ја темпираме формата според желбите на тренерот Лазаров и добро да се спремиме за тешката сезона, која сигурно ќе биде највозбудливата досега. Ќе имаме и тежок противник во Европа, но ние како играчи даваме максимум секој ден, екипата е сложна, полека се подготвуваме за нашите цели кои сакаме да ги оствариме и исполниме.”, изјави Аларов.

27 годишниот играч е дел од подготовките на тимот во Маврово, од каде ќе заминат на контролни натпревари со балканските ривали. Тој вели дека одлично се вклопил во тимот, со оглед на тоа што веќе познава голем дел од играчите.
“Во РК Алкалоид се вклопив одлично затоа што играчите ги познавам од порано, условите за работа се одлични и професионални и немам никакви забелешки. Околу очекувањата за она кое ни следи, не сум човек кој сака да говори предвреме за трофеи, туку само да работиме и да градиме резултати. Целите секако дека се високи, имаме желба да играме и групи во Европската лига на ЕХФ, а дали ќе успееме, времето ќе покаже. Наше е да работиме”, додава тој.





