Во спортскиот центар “Борис Трајковски” денеска стартува 49-то издание на меѓународниот меморијален турнир “Бранко Хаџииљоски – Чајка”, турнир кој одамна ја надмина улогата на обичен спортски настан и стана традиција што се негува со спортска и човечка чест.
Организиран од Одбојкарската федерација на Македонија и семејството Хаџииљоски, меморијалот годинава повторно ќе биде сцена за нашиот машки сениорски национален тим, кој ќе го користи турнирот како последна проба пред августовските квалификации за Европското првенство 2026.
“На мое големо задоволство по 49-ти пат се одржува турнирот ‘Бранко Хаџииљоски – Чајка’ во чест на мојот покоен татко, кој беше основоположник на одбојката во Тетово и со огромни успеси ја водеше тетовската и македонската одбојка долги години. Посебна чест и задоволство ми е што и овојпат како и годините наназад турнирот е во функција на машката сениорска репрезентација, во кој имаме квалитетни учесници Швајцарија и Бугарија заедно со нашиот национален тим. Прво би сакал да бидеме добри домаќини, се надевам на убави и квалитетни натпревари, ја повикувам одбојкарската и спортска јавност да дојдат во што поголем број да присуствуваат на натпреварите, да ја поддржат Македонија и воедно се надевам дека и нашата репрезентација и ќе биде победник на овој турнир, на мое огромно задоволство”, истакна Ивица Хаџи Иљоски, потпретседател на ОФМ и претставник на семејството.

На турнирот ќе настапат селекциите на Македонија, Бугарија и Швајцарија, а средбите на нашата репрезентација ќе бидат пренесувани во живо на националната телевизија, додека влезот во салата е бесплатен, вистинска можност за љубителите на одбојката да бидат дел од атмосферата.
Македонија веќе одигра две кола во групата Ф од ЕП квалификациите, каде Грција води со 6 бода, ние сме втори со 3, а Грузија е без бод. Сега следат клучните мечеви против Грција на 13 август во гости и против Грузија на 17 август дома. Само првопласираните и пет најдобри второпласирани селекции од сите групи ќе патуваат на Европското првенство.
Ова би било четврто Европско првенство во низа за македонската одбојкарска репрезентација, успех што би ја продолжил континуираноста на најдобрите години во македонската одбојка.



