ВАР технологијата конечно станува реалност во македонскиот фудбал. Во “Куќа на фудбалот” вчера и официјално беше промовиран ВАР системот, кој за првпат во историјата ќе започне да се применува од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Како што беше соопштено, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) веќе инсталираше три модерни ВАР соби, сервер и контролна просторија, целосно опремени според највисоките стандарди на ФИФА. Дополнително, обезбедено е и репортажно возило кое ќе може да се користи за ТВ пренос на натпреварите.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, изрази огромно задоволство од брзата реализација на проектот.
“ВАР системот во Македонија конечно стана реалност. Горд сум на тимот во федерацијата кој работеше 24/7. За само три месеци направивме огромна работа, за која ФИФА и УЕФА ни оддадоа признание”, изјави Омерагиќ.
Сите прволигаши имаат пријавено стадиони со потребните услови за ВАР, со исклучок на стадионот во Чаир, каде што игра Шкупи. Сите судии кои ќе работат во ВАР-собите ќе бидат македонски арбитри.
Целата информација и детали можете да ги прочитате на официјалната страница на ФФМ.