Голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, денес за прв пат се огласи во јавноста после целата драма околу непотпишувањето на медицинските извештаи, со што го спречи својот клуб да ослободи дел од неговата плата за регистрација на новите играчи.
Очигледно работите се решиле зад затворени врати, бидејќи тој во изјавата напиша дека периодов бил тежок за него и првичните изјави дека ќе отсуствува три месеци биле по консултации со медицински експерти.

“Последните неколку месеци беа особено тешки за мене, и физички и психички. Како и секој друг играч кој пати од повреда, мојата единствена цел е да се вратам на теренот најбрзо што можам, мотивиран од желбата да им помогнам на соиграчите и да го правам она што најмногу го сакам: да се натпреварувам”, започнува изјавата на Германецот.
“Во последните неколку недели, многу работи беа кажани за мене, некои од нив комплетно неосновани. Па, затоа чувствувам потреба да ја кажам мојата верзија на настаните.
Одлуката дека треба да подлегнам на операција беше направена во консултации со медицински професионалци и целосно одобрена од клубот, со јасна цел да се стави приоритет на моето здравје и долгорочната спортска кариера, која секако дека во целост е во согласност со целите на Барса. Јас сакав да се ставам на располагање најбрзо што можам за да освојуваме трофеи. После тоа, јавно го објавив минималното време за моето заздравување, кое ми беше соопштено од кредибилни експерти и секогаш во соработка со клубот”, додаде тој, алудирајќи на спорната објава во која тој изјави дека неговата повреда ќе го спречи да биде на теренот три месеци, нешто што налути многумина, вклучувајќи ги и челниците на Барса.
“Сакам да разјаснам некои работи, со оглед на шпекулациите кои се појавија неодамна. Сите нови договори и обновување на старите беа комплетирани пред мојата операција, па така, во ниеден момент несреќните околности со мојата операција не влијаеа на регистрацијата на новите колеги, за кои имам огромна почит и едвај чекам да ја споделам соблекувалната со нив и во наредните сезони. Сите алтернативни интерпретации се нефер и неточни за мене”, продолжува соопштението.
“Низ мојата кариера секогаш се водев од професионализам, почит и посветеност кон амблемот кој го претставував. Имам огромна љубов кон клубот, кон градот и навивачите кои беа покрај мене сите овие години. Мојата посветеност за овие бои останува неприкосновена. Разбирам дека тешките моменти може да предизвикаат тензии, но верувам дека низ дијалог и одговорност, може конструктивно да ги разрешиме. Јас сум целосно посветен да соработувам со менаџментот на клубот за да ги разрешиме овие ситуации и да ја обезбедиме потребната документација”, се вели на крајот на соопштението.
🔵🔴 @FCBarcelona pic.twitter.com/62OpfDqJeQ
— Marc ter Stegen (@mterstegen1) August 8, 2025
Очигледно многу работи биле разговарани зад затворени врати, а веднаш после јавното соопштените од Барса се обратија со кратка изјава во која се вели дека му се враќа капитенската лента на Тер Штеген.
“Клубот објавува дека играчот Марк-Андре тер Штеген ги потпиша сите неопходни документи кои клубот треба да ги испрати на Ла Лига во врска со неговата операција. Отворениот дисциплински случај е со тоа затворен и на играчот му се враќа капитенската лента”, се вели во краткото соопштение.



