Од трансфер вреден 100 милиони фунти, до позајмица во Евертон. Така некако изгледаше кариерата на Џек Грилиш во Манчестер Сити. Иако тој во клубот пристигна како сензационален трансфер, играчот не покажа особени резултати во изминатата сезона, по што Сити се согласи да го пушти на позајмица во Евертон за наредната сезона.
Играчот кој е познат по својот боемски начин на живот, често можеше да се види како пие алкохол и се забавува во ноќни клубови, нешто што најверојатно влијаеше на неговата форма на терените. Но сепак тој беше доста омилен меѓу навивачите, токму поради неговата искреност и хуманитарност.
Грилиш ќе го носи дресот со број 18 во новиот клуб, а за трансферот тој изјави: “Ова е одлично. Евертон е навистина голем клуб”.

И Џек не е далеку од вистината, особено ако се земе историјата на клубот од Ливерпул. Имено, низ историјата ниту еден друг клуб нема поминато повеќе сезони во топ натпреварувањата на англискиот фудбал од Евертон.
Тие имаат одиграно вкупно 122 сезони најпрво во старата Прва дивизија, а подоцна и во преименуваната Премиер лига. Астон Вила се втори на оваа листа со 112 сезони, а трети се Ливерпул со 111.
Грилиш иако доаѓа од клуб кој во моментов е многу подоминантен под водството на извонредниот Пеп Гвардиола, сепак и Евертон е клуб со фудбалска историја која не треба да се потцени.
Еве едно парче историја за љубителите на фудбалот, низ фотографијата на тимот на Евертон од сезоната 1891/92 со нивниот прв од деветте трофеи во Лигата.




