Реал Мадрид официјално се спротивстави на планот натпреварот од Ла Лига меѓу Барселона и Виљареал да се одигра во Мајами, САД, и побара од ФИФА да не дозволи ваква промена.
Во понеделникот, Шпанската фудбалска федерација (RFEF) ја одобри иницијативата на Ла Лига, со која Виљареал, како домаќин, во декември би ја пречекал Барселона на Хард Рок стадионот во Мајами. Следниот чекор е федерацијата да испрати барање до УЕФА за почеток на процедурата пред ФИФА официјално да го одобри одигрувањето на натпреварот во САД.
Доколку мечот се реализира, тоа ќе биде првпат натпревар од шпанското елитно првенство да се одигра на територија на САД. “The Athletic” уште во април објави дека Реал Мадрид внатрешно изразил силно несогласување со идејата.

Во официјалното соопштение објавено во вторникот, Мадрид го изрази своето “цврсто отфрлање на предлогот”, оценувајќи дека ваквиот потег го нарушува принципот секој клуб да игра половина од своите натпревари дома, а другата половина на гости.
“Интегритетот на натпреварувањето бара сите натпревари да се одиграат под исти услови за сите екипи”, стои во соопштението. “Едностраното менување на овој режим ја нарушува еднаквоста помеѓу тимовите, ја компромитира легитимноста на резултатите и создава неприфатлив преседан кој отвора врата за исклучоци врз основа на интереси што не се спортски, директно загрозувајќи го интегритетот на натпреварот. Последиците би биле толку сериозни што би претставувале пресвртница во светскиот фудбал. Секоја промена од ваков тип мора да има изречна и едногласна согласност од сите клубови учесници, како и строго почитување на националните и меѓународните правила за организација на официјални натпревари”.
Реал Мадрид од ФИФА побара “да не го одобри одигрувањето на мечот без претходна согласност од сите клубови учесници во првенството”.
Дополнително, клубот ја повика УЕФА “да ја поттикне Шпанската фудбалска федерација да го повлече или одбие барањето”, а од Високиот спортски совет на Шпанија (Consejo Superior de Deportes, CSD) побара да не го издаде “потребното административно одобрение”.



