Вечерва се игра натпреварот за освојување на трофејот во Суперкупот, помеѓу победникот од Лигата на шампионите ПСЖ и победникот од Европската лига Тотенхем.
На стадионот Фриули во Удине, Италија, силите ќе ги одмерат два тима, чија борба можеби најдобро би се опишала како онаа епската за Давид и Голијат. Но, дали фаворизираните ПСЖ ќе може толку лесно да го поминат Тотенхем за освојување на уште еден трофеј годинава?
ПСЖ се можеби најдоминантниот клуб во светот на фудбалот во моментов, но нивната непобедливост беше веќе еднаш прекината оваа лето, кога Челси ги изненадија во финалето на Светското клупско првенство во САД.

Тотенхем пак, од друга страна, се соочува со промени во играчкиот состав. Откако легендата на клубот, Хаунг-Мин Сон ова лето го напушти клубот и ја продолжи својата кариера во Лос Анџелес, тие останаа без капитенот и миленикот на публиката. Но, Сони зад себе во клубот остави фудбалско наследство кое веруваме дека сè уште тлее во духот на тимот, а тие не се тим што така лесно ќе се откажат од победата.
Денес Тотенхем ќе истрчаат на теренот на чело со новиот капитен, Кристијан Ромеро, кој ќе се обиде да ги предводи своите соиграчи кон историската победа против гигантот ПСЖ.
Уште еден голем проблем за Тотенхем претставува и повредата на Џејмс Медисон, кој е еден од клучните играчи во тимот на Томас Франк. Но, иако ПСЖ делуваат силно и непобедливо, и тие сепак во моментов се соочуваат со голема драма околу голманот Џанлуиџи Донарума, кој нема да биде вечерва дел од тимот на Луис Енрике.

Преписките во јавноста сигурно имаат некакво влијание врз целокупната атмосфера во тимот, па можно е да гледаме вистинско изненадување вечерва на теренот во Италија.
Во секој случај, сигурни сме дека ќе гледаме интересен натпревар во кој се надеваме дека Тотенхем и покрај бројните клучни играчи кои ќе недостасуваат овој пат, ќе покаже достоинствена борба и ќе ни приреди фудбалско уживање.



