Челси ќе одвои дел од бонусите што играчите ги добија за освојувањето на Светското клупско првенство, како финансиска донација за семејството на трагично починатите Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.
Лондонскиот клуб во јули стана шампион на новоформираниот проширен турнир на ФИФА, совладувајќи го ПСЖ со 3-0 во финалето на Метлајф стадионот во Њу Џерси. Освојувањето на титулата им донесе околу 114,6 милиони долари (84,4 милиони фунти).
Од таа сума, Челзи издвои 15,5 милиони долари (11,4 милиони фунти) за бонуси на сите играчи кои настапија за тимот на Енцо Мареска. Играчите и клубот заедно донеле одлука еднаква исплата да оди и за семејството на Жота. Секој дел од бонусот е вреден повеќе од 500 илјади долари пред даноци, социјални придонеси и конверзија на валута.

Инаку, трагедијата се случи на 3 јули, кога напаѓачот на Ливерпул Диого Жота и неговиот брат Андре Силва, фудбалер на португалскиот Пенафиел, загинаа во сообраќајна несреќа во шпанската провинција Замора.
Ливерпул веќе најави голем меморијален проект во чест на Жота со скулптура пред Енфилд, амблем “Засекогаш 20” на дресовите и јакните на играчите цела идна сезона 2025/26, како и основање на младинска фудбалска програма преку официјалната фондација на клубот.
На првиот натпревар од новата сезона во Премиер лигата против Борнмут ќе има специјален омаж и минута молк. Ливерпул минатиот месец објави дека трајно го повлекува дресот со број 20 на сите нивоа на клубот, во чест на Португалецот кој постигна 65 гола на 182 натпревари по пристигнувањето од Вулверхемптон во 2020 година.



