Ливерпул официјално го комплетираше трансферот на 18-годишниот централен дефанзивец Џовани Леони од Парма. Италијанецот го помина лекарскиот преглед и потпиша долгогодишен договор во тренинг-центарот на Ливерпул.
Леони доаѓа по импресивна сезона во Серија А, каде за Парма настапи на 17 натпревари и постигна еден гол во сезоната 2024/25. Во првото интервју за официјалната страница на клубот, тој ја изрази својата голема радост што ќе го облече црвениот дрес.
“Многу сум среќен што сум тука. Ова е прекрасно чувство и голема чест”, изјави Леони. “Кога дознав дека Ливерпул е заинтересиран, не можев да поверувам. Многу сум среќен и возбуден за ова ново поглавје”, вели младиот Италијанец, чиј татко е роден токму во Ливерпул.

Дефанзивецот го направи своето професионално деби за Падова во март 2023 година, само три месеци по својот 16-ти роденден. Вториот дел од сезоната 2023/24 го мина како позајмен играч во Сампдорија во Серија Б, каде одигра 12 натпревари и постигна еден гол. Минатото лето Парма го откупи неговиот договор, но неговите настапи брзо го привлекоа вниманието на Ливерпул.
Роден во Рим и висок 1,93 метри, Леони има настапи и за младата репрезентација на Италија до 19 години, каде досега одигра седум натпревари. Во Ливерпул ќе го носи дресот со број 15.
“Сакам многу да напредувам со моите нови соиграчи, и на тренинзите и на натпреварите, во Премиер лигата и во Лигата на шампионите”, додаде Леони. “Вечерва ќе го гледам натпреварот против Борнмут на Енфилд, а од утре започнува моето ново патување”.
После официјалниот потпис тој веднаш се упати на првиот натпревар на неговиот клуб на Енфилд, а Ливерпул вечерва ја објавија и неговата прва фотографија на стадионот како нивни играч.




